Декември – Маринела Апостоловска

Минатата година ми се појави во декември. Беше темно, студено, ветерот и виулиците играа свечен танц со кој ја најавуваа Нова година. А јас чекав такси, чекаше и тој. Се нервирав затоа што доцни таксито кое го повикав пред 5 минути можеби…А тој, неколку метри до мене, невино и безгрижно гледа со очињата и не зборува ништо. Камо среќа да знаев дека чекањето се исплати. Па јас тогаш не знаев. Не бев свесна дека стојам до човек кој ќе го сакам една година, а можеби и повеќе.

Носеше темна јакна со крзно на капата, голема капа, едвај му се гледаше убавото лице кое уште го помнам. Кога ме погледна, сфатив дека ќе ме боли тој поглед толку многу. И ме болеше. Се прашувам, колку конци има преплетено судбината, колку игри има одиграно за да се најдеме на истото место, и двајцата да чекаме проклето такси кое доцнеше. Камо јас да доцнев, камо тој да доцнеше, па да не се сретнеме тогаш.

Мислев ќе потрае неколку недели, потоа велев ајде поминаа неколку месеци, не е ни важно, ќе исчезне од душата како никогаш да не бил…Но, не исчезна, проклето тука е, сè уште. Тогаш и ги потрошив сите конци на мајка ми за да си ја закрпам душата но и ден денес чувствувам дека имам испуштено некои места…Еве и сега, барам темен конец за да ми се вклопи со душата, а помина една година, цела една година…

Сè уште ми е пред очите. Сè уште ми е во душата која го сака премногу. И ден денес кога ќе се сетам на тој ден го гледам пред мене како ме погледнува на момент па го трга погледот, го чувствувам уште длабоко во душата, стуткан заедно со декември и ветерот од таа вечер… Проклето го сакам. Него, декември…

Маринела Апостоловска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?