Поглед на дива срна

И илјада маски на себе да ставеше, тој пак би ја препознал неа. Дури и да беше иста како сите други, тој знаеше дека секогаш се разликуваше од сите нив. Имаше нешто со што го мамеше оваа девојка. Но не можеше да си објасни на себеси што е она што го гледа во неа, а го нема кај другите. Често ја гледаше како се шета низ паркот заедно со нејзиниот Кокер. Не сакаше да ѝ се доближи. Може да се каже дека повеќе се плашеше да ѝ се доближи.

Не можеше да издвои ништо по што таа се разликуваше од другите. Беше толку обична, толку незабележителна, а тој пак само неа ја гледаше. На пролет ги пушташе долгите локни од својата коса со боја на костен. Изгледа дека сакаше косата да ѝ ја вее развигорецот. Малку му беше чудна. Некогаш читаше, седејќи на една осамена клупа, додека нејзиниот пес трчаше во тревата. Некогаш разговараше со него. Кој разговара со своето куче, си мислеше.

Во лето облекуваше кратки шорцеви, толку кратки што дури бедрата ѝ наѕираа. Посакуваше да ја почувствува нежноста на нејзините бедра, но некако се плашеше. На есен носеше кариран капут и црвена баретка. Му изгледаше како да ја сака есента. Во зима беше бушава. Некогаш убаво облечена, но најчесто не. Изгледа дека не го сакаше студеното време или немаше кој да ѝ го стопли срцето во студот. На момент го потсетуваше на дива срна која лута само со погледот.

Некаде, длабоко во себе, чувствуваше дека таа е ладна како мраз и дека нема топлина со што ќе го стопи тоа нејзино ладно срце. Ја набљудуваше две години. Цели две години неговото срце ѝ припаѓаше на оваа дива девојка. Но што ако и таа скришум го набљудуваше него? Што ако тој беше оној кој го стопи мразот околу нејзиното срце? По две години, таа сѐ уште го шеташе својот кокер во паркот секој ден. Но нешто недостигаше во хоризонтот. Неколку дена не го забележуваше црнокосиот маж со закосени очи кој ја набљудуваше долго време. А баш тогаш посака да му се отвори. Баш тогаш посака да си поразговара со него.

Се откажа од тој парк. Наредниот ден го однесе песот во друг парк, па во друр, па во друг. Нејзиниот поглед, кој потсетуваше на поглед од дива срцна насекаде го бараше црнокосиот маж со закосени очи, но него го немаше никаде. Зошто нив погледите никогаш не им се судрија? Дали не им беше судено ниту во очи да си се испулат? По некое време и девојката се откажа, па не го бараше веќе. Песот пак го носеше редовно во истот парк. Можеби нечии туѓи очи ќе почнат пак да ја гледаат. А до тогаш погледот на дивата срна ќе го бара црнокосиот маж со закосени очи.

                                                                                                                                                                 Лина Димоска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?