Грчка митологија Душа, тело, ум Литература Митови и легенди Психолошко катче

Нарцисизмот меѓу инфлуенсерите на социјалните мрежи

Кој бил Нарцис?

Нарцис е еден од најпознатите ликови од грчката митологија.Ако не сте запознаени со митот, се работи за едноставна, но многу предупредувачка приказна. Кога Нарцис одел крај едно езеро, запрел да се напие вода. Кога се наведнал, го видел сопствениот одраз во водата и се изненадил сфаќајќи дека неговата младост и убавина зјапаат во него.

Нарцис останал вчудовиден од сопствениот одраз, од тоа како младо и привлечно изгледал.

Умрел од тага, на брегот на езерото, кога веќе не можел да си ја врати убавината од младоста, не бидувајќи способен да го тргне погледот од водата. Нарцис би ги обожавал социјалните мрежи, поради способоста да си го види својот одраз на платформите како Инстаграм. Пред сѐ, се мисли на сликите и објавите, кои обично имаат хаштази и клучни зборови.

Денес Нарцис би умрел пред својот компјутер, со глувчето во едната рака и смартфонот во другата. Ако го оставиме настрана митот, мораме да му се заблагодариме на Нарцис за еден често користен термин. Тој термин ја опишува нашата опсесија да се гледаме себеси на социјалните мрежи: нарцисизмот.

Нарцис од нашето време не е мит. Тој е жив и здрав и сега имаме податоци да го докажеме тоа. Во изданието на Компјутерите и човековото однесување од декември 2018 г., објавено е едно истражување. Го спровел тимот составен од Антонија Ерз, Бен Мардер и Елена Осадчаја од Бизнис школата во Копенхаген. Тие откриваат што ги тера инфлуенсерите и следбениците на социјалните мрежи да користат хаштази. Вклучени се најважните стратегии од типот „погледни ме“, кои служат за самопромоција.

Заклучокот на истражувачкиот тим

Проучувајќи го Инстаграм, тимот на Ерз ги пронашол знаците што укажуваат на нарцисизам.

Инфлуенсерите на големо користат хаштази“, забележува тимот на Ерз. Инфлуенсерите опфатени во истражувањето имале голем број следбеници, но самите следеле малкумина други за возврат. Исто така, се заклучува дека инфлуенсерите се водени од мотивите за самопрезентација преку хаштази и објави со кои сакаат да си го подигнат статусот. На пример, во стилот „погледај ме мене“ на платформите каде се споделуваат слики.

Инфлуенсерите во ова истражување покажале високи црти на нарцисизам, екстровертност и желба за самопромоција. Со други зборови, инфлуенсерите поминувале повеќе време гледајќи се себеси на социјалните мрежи. Притоа длабоко се грижеле за тоа како другите ќе гледаат на нив. Немале побуди да изградат посилна врска со своите следбеници.

Тимот на Ерз открил дека, во последниве години, на некои платформи на социјалните мрежи, се зголемува бројот на инфлуенсери и „микро“ славни личности. Тие ги користат истите за да се поврзат со публиката, но не за нејзино добро, туку со цел самите да се промовираат.

Очигледно е дека  инфлуенсерите обожаваат хаштази. Тимот на Ерз додава:

„Покажуваме дека оние што го користат Инстаграм во потрага по статус, се во голема мера поттикнати од мотивите за самопрезентација. Тоа за возврат ја зголемува склоноста за додавање хаштази, кои ги употребуваат многу во своите објави.“

Може да се најдеме во тој маѓепсан круг, во потрага по „допаѓања“, споделувања на содржините и духовитите хаштази што ги објавуваме. Во тој случај, време е да го тргнеме погледот од својот одраз на социјалните мрежи.

И уште нешто за крај. Легендата вели дека и во задгробниот живот Нарцис сѐ уште си се восхитува себеси. Го бара својот одраз во водите на реката Стикс.

Извор

Превел од англиски: Симеон Јанков

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје