Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со чисто,
наивно, детско срце
кое суровиот свет
не може да го смени.
Што ќе ви е?
На денешново време,
што ќе ви е срце воопшто?
Не бидете наивни.
Бидете сурови!
Така повеќе ќе ве ценат.
Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со љубопитен,
детски поглед
кој стално лута наоколу.
Не гледајте им в очи на луѓето.
Се плашат расипаните души
да не им ги видите.
Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со совест
која секогаш сака да е чиста.
Што ќе ви е?
Постојано ќе ве следи.
Секој чекор ќе ви го испитува.
Некогаш, доцна в ноќи
ќе ве прогонува.
Таквата совест
нема мир да ви даде.
Не раѓајте се наивни.
Аман, не раѓајте се наивни!
А има ли нешто поубаво
од наивноста?
Има ли нешто пољубопитно
од детски поглед
кој лута наоколу?
Има ли потопла постела
од чистата совест?
Ако има, кажете ми.
За и јас поубавите нешта
да си ги земам.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.