Таинствените знаменија за смртта на Цезар

Во својата книга Дванаесетте римски цареви, објавена во 121 г., римскиот историчар Светониј зборува и за Гај Јулие Цезар. Според него, неговата смрт била претскажана од повеќе знаменија. Цезар станал жртва на заговор и бил убиен во 44 г.п.н.е.

За какви знаменија зборува Светониј?

Претстојното убиство на Цезар му било најавено со очигледни предзнаци. Неколку месеци пред тоа, населениците, кои според законот на Јулиј, биле пратени во новата населба Капуа, растурале некои мошне стари гробови, за да изградат селски куќи. Тоа го правеле со голема упорност. Додека копале, биле пронајдени неколку вази од стара изработка. Во еден гроб, во кој се велело дека бил погребан Капис, основачот на Капуа, пронашле бронзена плоча, на која со грчко писмо и на грчки јазик било напишано ова:

Кога коските на Капис ќе бидат пронајдени, детето на Илиј ќе биде убиено од рацете на својот род, што ќе ѝ нанесе голема штета на Италија.

И никој ова нека не го смета за измислица или лага, зашто е посведочено од Корнелиј Балб, близок пријател на Цезар. Неколку дена пред убиството, крдото коњи, кои овој му ги посветил на Рубикон, додека ја преминувал реката, а што ги оставил да скитаат без чувар, почнале тврдоглаво да одбиваат храна и силно да плачат.

Додека Цезар принесувал жртва, жрецот Спурина го опоменал да се чува од опасноста, која ќе настапи не подоцна од Мартовските Иди. Ден пред Идите, едно пиле, наречено кралска птица, држејќи китка од ловор, влетало во куријата на Помпеј, а повеќе други, разновидни птици од оближната градина влетале по него и го растргнале.

Што сонувале Цезар и неговата жена?

Ноќта по која осамнал денот на убиството, самиот Цезар сонил како мирно лета над облаците и ја држи раката на Јупитер. На жена му Калапурнија ѝ се сторило дека се урнатини покривот од нивната куќа, а мажот ѝ бил прободен во нејзината прегратка. Одненадеж, вратите од нивната спална соба се отвориле сами од себе.

Поради овие нешта, како и поради слабото здравје, Цезар долго се премислувал дали да остане дома и да ги одложи работите што ги намислил да ги прави во Сенатот. Но најпосле Деким Брут го опоменал да не го разочарува множеството кое веќе извесно време го чекало, па овој тргнал дури во петтиот час. Патем, некој му пружил белешка која укажувала на заговорот, но овој ја ставил меѓу останатите кои ги држел во левата рака, со намера наскоро да ги прочита.

Потоа, откако биле принесени повеќе жртви, но без поволни знаменија, Цезар влегол во куријата со разнишана самодоверба и сепак му се подбивал на Спурина, нарекувајќи го лажен пророк, зашто Мартовските Иди дошле без никаква штета по него; а овој одговорил дека Идите дошле, но не поминале.

Извор: „Дванаесетте римски цареви“, Култура, 2001.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?