Литература Македонска поезија Македонски автори Писатели и поети Поезија

Не раѓајте се наивни – Лина Димоска

Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со чисто,
наивно, детско срце
кое суровиот свет
не може да го смени.
Што ќе ви е?
На денешново време,
што ќе ви е срце воопшто?
Не бидете наивни.
Бидете сурови!
Така повеќе ќе ве ценат.

Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со љубопитен,
детски поглед
кој стално лута наоколу.
Не гледајте им в очи на луѓето.
Се плашат расипаните души
да не им ги видите.

Не раѓајте се наивни.
Не раѓајте се со совест
која секогаш сака да е чиста.
Што ќе ви е?
Постојано ќе ве следи.
Секој чекор ќе ви го испитува.
Некогаш, доцна в ноќи
ќе ве прогонува.
Таквата совест
нема мир да ви даде.

Не раѓајте се наивни.
Аман, не раѓајте се наивни!
А има ли нешто поубаво
од наивноста?
Има ли нешто пољубопитно
од детски поглед
кој лута наоколу?
Има ли потопла постела
од чистата совест?
Ако има, кажете ми.
За и јас поубавите нешта
да си ги земам.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје