Морана – ќерката на големата божица Лада и нејзинот сопруг, бог Сварог, пораснала за да стане она што старите Словени го признавале како заштитник на зимата, подземјето и симбол на крајниот физички живот, каков што го знаеме ние, смртниците. Морана има многу имиња: Мара, Мор, Морена, Марзана. Си го покривала телото со ледено платно, за да може да одмори и да собере сила. Се смета за сестра на Лелија.
Во минатото, старите Словени особено ѝ се поклонувале на Морана на територијата на Киевска Русија. Првично, таа била божица која била обожувана како домаќинка, но исто и како божица на плодноста и мајка на сите живи. Со текот на времето, Морана постепено се трансформирала во злобен гласник на венеење, импотентна старост и болест. Треба да се напомене дека во многу старословенски приказни таа му се спротиставува на Перун. Понекогаш дури му се приближува на Велес во креирање на злобни завери.
Морана како симбол на белата смрт
Белата боја, како бело платно или снег, во дамнешни времиња се облекувала во време на неволја. Морана се смета дека е поврзана со Маре од нордиската митологија, која што се појавува како ноќен демон. Таа е суштеството кое седи на градите на луѓето додека спијат и им предизвикува кошмари и гушење. Очигледно е дека божицата Морана има индоевропски корени. Коренот на нејзиното име, Мора, или на англиски јазик, Маре, денес се поврзува со добро познаниот збор кошмар.
Морана во легендите
Некои старословенски легенди велат дека Морана живеела во огледалната палата. До неа се стигнувало единствено преку мостот Калинов. Се смета дека мостот ги поврзувал двата брега на реката со дното. Огледалната палата била заштитена со змии. Ова место старите словени го поврзуваат со погребите.
Во некои легенди се вели дека Баба Рога е една од креациите на Морана. Некои преданија одат до таму што раскажуваат дека Баба Рога е само една од трансформациите на Морана. Во некои приказни, Морана се претвора во злобната девојка Маринка, која сака да го искуши херојот Добриња. Источните Словени веруваат дека Морана е сопруга на бессмртниот Кошчеи, кој сака да им нанесува зло на луѓето.
Спалување на Морана за бркање на зимата, болестите и смртта
Нашите предци имале ритуал за збогување со зимата. Тие правеле фигура од слама, со големина на девојче. Ја облекувале во убава облека со многу украси. Дури ѝ ставале и коса од слама, преплетена со панделки и цвеќиња. Ритуалот го започнувале со прескокнување на голем оган. Потоа ја палеле Морана, па ја удавувале во водата. Ова претствавувало чин на прочистување на земјата и луѓето. Со убивањето на Морана сметале дека ги бркаат болестите, неволјите, зимата и сè што им правело проблем на старите Словени.
Овие пагански ритуали може да се сретнат и денес. Тоа се најчесто обичаите за денот на Иван Купала. За жал, денес се помалку млади луѓе пронаоѓаат забава во скокањето низ оган, па ваквите обичаи полека изумираат.
Некои историчари сметаат дека ликот на Морaна е прототип на Дева Марија, мајката на Синот Божји. Но зошто Морана станала злобна и груба со текот на времето? Тоа е мистерија која не ја знаеме, но словенските народи го чувствуваат нејзиниот бес до денес. Ѝ служат преку ритуалите кои сѐ уште опстојуваат и раскажуваат легенди за неа.
Запознајте го Јарило – словенски бог на пролетта.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.