Вистинското уметничко дело ја уништува оддалеченоста меѓу посматрачот на делото и уметникот.
До 1897 година, Лав Толстој, бил светски познат писател кој имал само една намера – да ја разоткрие целата мудрост на животот. Овој борец за мир, покрај „Војна и мир“ и „Ана Каренина“, напишал дело кое раскажува за значењето на историскиот развој на уметноста со наслов „Што е уметност?“.
Што кажал Толстој за уметноста?
„За правилно да ја дефинираме уметноста, неопходно е првенствено да престанеме да ја сфаќаме како средство за задоволство, туку како состојба на човековиот живот. Гледајќи вака на неа, не можеме да видиме дека уметноста е едно од најбитните средства на меѓусебен однос меѓу двајца луѓе.“
„Секое уметничко дело влијае на посматрачот да создаде некаков вид на однос со оној кој го создал делото и симултано со сите оние кои пред него го посматрале делото и биле дел од импресиите кое тоа ги оставило.“
Она што нагласува Толстој е тоа дека суштината на уметноста е во нејзината заразност.
„Ако посматрачите се заразат со чувствата кои авторот ги чувствувал додека го создавал делото, ете тоа е уметност.“
„Уметноста е човечка активност која се состои од тоа еден човек свесно, користејќи ги надворашните симболи, да ги пренесе своите емоции на луѓето кои подоцна ќе го посматраат и анализираат делото и тие да минат низ истото емотивно искуство.“
За Толстој, уметноста не е само мост кој спојува само луѓето и културите, туку животните ери и вековите. Всушност, уметноста е бесмртна.
„Ако луѓето не би ја имале оваа способност да ги сфаќаат мислите на луѓето кои живееле пред нив и тие мисли не ги пренесувале натаму, луѓето би биле како ѕверови. И ако на луѓето би им недостигал капацитет да бидат заразени со уметноста, луѓето би биле премногу диви и непријателски настроени едни спрема други.“
Што ја разликува добрата уметност од лошата?
Она што ја разликува добрата уметност од лошата, всушност е степенот на заразеност што делото ги носи со себе. Колку што е посилно чувството на заразеност, толку уметноста е подобра и обратно. Тоа зависи од три фактори:
– Поголема или помала индивидуалност кон чувствата кои се пренесуваат;
– Поголема или помала јаснотија во чувствата што се пренесуваат;
– Искреноста на уметникот.
Уметичките дела се рангираат според овие фактори и нивниот степен на застапеност. Но третиот фактор Толстој го смета за најбитен. Ако уметникот не е искрен во процесот на создавањето на едно дело, никакви емоции нема да постојат, а всушност тоа нема ништо да пренесе до посматрачот или тој не ќе може ништо да почувствува.
Низ делото тој се обидува да ја нагласи уметноста како фактор во меѓучовечките односи и нејзното значење во креирањето на мирот. Емотивната компонента која уметноста ја чува во себе е лек против непријателството, а на многу повисоко ниво и против војната.
„Уметноста е микроскоп под кој уметникот ги отвора тајните на својата душа и им покажува на сите останати луѓе тајните кои на сите им се заеднички.“
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.