Се наоѓаме во период пред Божиќ, кога времето надвор е ладно, а ние подолго сме во нашите домови. Бидејќи секако треба да останеме повеќе внатре отколку надвор ако го земеме во предвид фактот со пандемијата, ние ви нудиме интересни содржини. Подготвивме листа со божиќни книги за сечиј вкус. Погледнете ја во продлжение.
1. „Божиќна песна“ – Чарлс Дикенс
Новелата „Божиќна песна“ уште од своето прво издавање во 1843 година е постојано во печат веќе 185 години, преведена е на многу јазици и приспособена на најразлични филмски, театарски и музички адаптации.
2. „Оревокршачка и кралот на глувчето“ – Т. А Хофман
Хофман дејството на својата приказна го сместил на Бадник во домот на малите Клара и Фритз кои со воодушевување ги примаат поклоните од својот кум магионичар и кукларот Дроселмејер. Иако им подарил и скапоцени кукли кои „сами танцуваат“, Клара ја привлекува дрвениот оревокршач. Фритз намерно ја крши играчката, но кога сите ќе заспијат Клара се враќа во салонот за да го погледне и тогаш настанува магија…
3. „Поларниот воз“ – Крис Ван Олсбург
Малку налик Хари Потер (сцената со возот и заминувањето во Хогвартс) со силен божиќен набој оваа приказна е за возот кој на Бадник вечерта девојчињата и момчињата ги вози кон Северниот пол. Патувањето е полно со случувања, претставува возбудливо четиво за сите, како за возрасните така и за помалите.
4. „Малите жени“ – Луиза Меј Алкот
Ова е безвременски роман за сите генерации кој „The Guardian“ го прогласил за „најважна женска книга за сите времиња“. Започнува токму со подготовки за Божиќ. Ги запознаваме четирите сестри кои се во најчувствителни години. Иако сите имаат различни карактери сепак тие покажуваат дека за среќен живот не е неопходно големо материјално богатство туку добро срце и чиста душа, а во тоа на сите можат да ни послужат како пример. Книгата има доживеано бројни адаптации, постои и анимирана верзија која се однесува исклучиво на Божиќ.
5. „Писмата од Дедо Мраз“ – Џ.Р.Р Толкин
Иако Толкин се поврзува со „Хобит“ и „Господар на прстените“ тој бил исклучително вешт во пишување и на поинаква тематика. Во текот на дваесет години во домот на Толкин секој Божиќ стигнувало писмо од Дедо Мраз како одговор на желбите на неговите деца. Ги пишувал сам Толкин, а после неговата смрт сите писма ги собрала и ги објавила неговата фамилија. Оваа книга би бил идеален подарок за сите генерации.
6. „Девојчето со кибритчиња“ – Ханс Кристијан Андресен
Андресен ја напишал една од најубавите книги со трогателна порака. Иако нема ниту малку празнична атмосфера како останатите детски книги во оваа листа, таа го опфаќа сето она што Божиќ би требало да биде.
7. „Ноќта пред Божиќ“ – Клемент К. Мур
Меѓу останатите книги на листава кои ги препорачуваме за Божиќните празници е и оваа од Мур. Во неа се раскажува за магичната посета на Свети Никола на едно семејство.
8. „Божиќните чевли“ – Дона Ванлиер
Во оваа трогателна божиќна приказна, еден адвокат кој е опседнат со неговата работа може да го загуби неговото семејство. Се сретнува со младо момче чијашто мајка умира од рак. Средбата е клучна за промена на нивните животи и подучува за човечноста и љубовта.
9. „Божиќ на Херкул Поаро“ – Агата Кристи
За сите оние кои не ги сакаат класичните Божиќни книги, но се големи љубители на крими романите, оваа е совршена книга. Детективот Поаро секогаш се наоѓа во невообичаени ситуации кои бараат негова интервенција. Така било и една година на Божиќ кога на вечерата го повикал господниот Ли, патријарх, тиранин, човек кој се збогатил со дијаманти во Јужна Африка. Божиќната вечера нема да заврши како што било планирано. Интересна приказна од перото на Агата Кристи.
10. „Божиќна мистерија“ – Јустејн Гордер
Според весникот Тајмс ова е: „Божиќната мистерија е остроумно и трајно достигнување, со сите елементи на совршена божиќна бајка”. Додека Сандеј тајмс пипува: „Секој што уживал во филозофскиот бестселер Светот на Софија на Јустејн Гoрдер, ќе ужива и во Божиќната мистерија”. Едно момче наоѓа избледено, рачно изработено божиќно календарче во една книжарница. Од него паѓа превиткан лист на кој е напишан првиот дел од необичната приказна за малото девојче што патува назад во времето до Витлеем и раѓањето на Христос. Во меѓувреме, испреплетената приказна за сегашноста излегува на виделина, а момчето дознава за чудниот човек што го направил календарчето и за девојчето што исчезнало на Бадник пред четириесет години.
Прочитајте ја и оваа листа со препораки за божиќни филмови за сите генерации.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.