Занимливости и информации Литература Македонски автори Писатели и поети

Што рекол Кочо Рацин за македонската самобитност?

Никола Вулиќ, истакнат српски археолог кој долго време работел во Вардарска Македонија одржал предавање во просториите на Српскиот културен клуб во Белград, веднаш потоа ова предавање било објавено во весникот „Време“ под наслов Јужна Србија или Македонија.

Основата поента на предавањето било да докаже нема место залагањето на Македонците за употреба на името Македонија како синоним за некаква народност и самобитност, и уште помалку македонското залагање за афирмација на македонскиот јазик.

Тезите на Вулиќ предизвикале бура од негодувања и протести. Меѓу другото, студентското друштво „Вардар“ во Загреб презело иницијатива за спречување на предавањето на Вулиќ во просториите на Пучкото (народно) свеучилиште, со намера Вулиќ да се принуди јавно да дискутира со студентите од Македонија по прашањето за положбата на Македонија и македонскиот народ.

По влегувањето на Вулиќ во салата, македонските студенти почнале да негодуваат против неговите погледи во однос на македонскиот народ и Македонија, некои фрлале јајца, други јавно ја истакнале „Бели мугри“, како доказ за постоењето на македонскиот јазик и култура. Публиката во салата создала неподнослива атмосфера која го принудила предавачот да ја напушти салата. Надвор Вулиќ бил пречекан од Кочо Рацин и другите членови кои биле определени да разговараат со него.

Професорот бил замолен на мирен разговор за приведените проблеми, Вулиќ прифатил но побарал во разговорот да учествува и професорот Јован Радоњиќ. Средбата се одржала на 3 декември 1939 година во хотелот каде бил сместен Вулиќ. Во разговорите со двајцата професори учествувале: Кочо Рацин, Љупчо Арсов, Георги Василев, Благој Димитров Панко и Тихомир Анчев. На средбата се развила жива дискусија на која, меѓу другото, Рацин истакнал:

„За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие! Во периодот на националната преродба кога доаѓа таканареченото граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава.

Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари итн… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име.

Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е Вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ.

И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но Вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија…“

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје