Македонски автори Писатели и поети Проза

Сите зборови на светот

Сите зборови на светот не се доволни за да се опише болката што еден човек може да ја чувствува. Нема да се доволни сите речници на светот за да се напишат животни романи на сите можни јазици за сите луѓе што некогаш постоеле и постојат на земјава.

И да ти ги дадам сите зборови на светов, нема да ми признаеш зошто се колебаш. Иако длабоко во себе знам, на глас тешко се признава. И да ти ги поклонам сите реченици, пак најглавното нема да можам да го опишам конкретно. Џабе и фермани да ти поклонам, нема да ти се доволни. Сите песни на светов да ги соберам во една, од секој стих ќе најдам нешто кое нè поврзува.

Во сите стихови стоиш скриен меѓу редови, некогаш се пронаоѓаш, некогаш не. Но секогаш те има таму и кога мислиш дека те нема. Опеан во песни, зараснат во срце, бесмртност не ти бега. Прашање е колку ја заслужуваш истата. И да не ја заслужуваш, таа ти следува бидејќи долги се корените што ги пушти.

Ќе ги соберам сите зборови на светот во обид да ти кажам сè што не сум ти кажала. Баш тогаш ќе ми снема глас, ќе не можам да пуштам звук. Ќе посакаш да ме слушнеш, но залудно. Немост ќе се сторам, бесшумна песна ќе пеам, но ќе бидам погласна од секоја тишина. Оти ваквите како мене се влијателни и тогаш. Ти поколнувам тишина баш кога ми се вреска. Опасни се зборовите што ги чувам како меч, еднаш рануваат друг пат возвишуваат. Тоа е проклетството и благословот кога си навооружан со зборови. Тие се твојот лек и отров, лекот и отровот за другите. Сите зборови на светот не се доволни понекогаш. Некогаш не е потребен ниеден збор, само еден поглед. Поглед кој вреди повеќе од илјада зборови.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје