Skip to content

Инферно

Немам превод,
имам бес,
доволно ли е?

“Оставете ја тука сета ваша надеж и продолжете,
на вратите од пеколот поклонете се.”

Немам превод,
имам бес,
инферно сум – тунел без излез,
сценарио на умрен јазик без текстописец,
убиец на нормалното,
старател на лудилото,
морнар на брод без кормило.

Немам превод,
имам бес,
гнев што врие и не умира,
река зборови зелени и жолти мешани од мене извира,
на хартија потоа капка по капка се истура.

Немам превод,
имам бес,
не носи пред мене на лицето превез,
знам уште пред да знаеш дека носиш на себе белег што те боли,
пред да стапнеш во кралството мое застани, те советувам – размисли.

“Оставете ја тука сета ваша надеж и продолжете,
На вратите од пеколот поклонете се.”

Превод немам и превод не барај,
ако сакаш да ме разбереш,
на оригиналот прочитај.

 

Напишете коментар