Skip to content

Исправи се, Делфина – филм инспириран од вистински настан, животното достигнување на Атина Бојаџи

Исправи се, Делфина е македонски филм од 1977 г. на режисерот Александар Ѓурчинов, работен по негово сопствено сценарио. Во главните улоги се јавуваат Столе Аранѓеловиќ, Неда Арнериќ, Дарко Дамески, Слободан Димитриевиќ и Диме Илиев. Филмот е инспириран од вистински настан – препливувањето на каналот Ламанш од страна на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи. Таа починала на денешен ден во 2010 година.

Самата Бојаџи која со прекар „Охридскиот Делфин“ (оттука и името на главната улога) е еден од соработниците на филмот. Таа и се појавува во една сцена од него, при излегувањето од водата од Ламанш.

Содржина на филмот

Филмот е приказна за девојката Делфина (Неда Арнериќ), која додека се обидува да го преплива каналот Ламанш се навраќа на пресвртните моменти од нејзиниот живот, кој, изгледа единствено би добил смисла доколку таа успее во својата мисија. При препливувањето, на бродчето што ја следи се нејзиниот тренер Атанас (Дарко Дамески) и нејзиниот пријател Петко (Диме Илиев), кои постојано ја бодрат и ѝ помагаат. Во меѓувреме, Делфина се сеќава „на запознавањето со Младен (Слободан Димитриевиќ), тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб“ и др.

Во еден критичен момент, кога се чини дека Делфина нема да може да го оствари својот подвиг, Петко скокнува во водата и плива заедно со неа: “Ајде Делфина, ќе пливаме заедно, ајде. Сети се на јагулите…” Благодарение на неговата поддршка, таа ја надминува и последната криза и конечно, успева да го преплива Ламанш. По повод нејзиниот успех, во Скопје се одржува свечен прием на кој присуствува и Младен. Сепак, Делфина се поздравува со Петко и потоа „заминува по патот што самата го одбрала“.

Местата на снимање на сцените во филмот

Почетните сцени од филмот кога Делфина пред себе го гледа каналот што треба да го преплива се снимени на пристаништето и низ улиците на Булоњ на Море (Boulogne-sur-Mer), Франција. Сцената кога влегува во морето за да го преплива Ламанш е снимена на Големата Плажа во Улцињ, јужно од Будва. Останатите сцени додека плива и излегува од водата се снимани на Охридското Езеро.

Неда Арнериќ (15 јули 1953 – 10 јануари 2020)

Контроверзи

Филмот го опишува животот на Атина Бојаџи до септември 1969 година, односно до нејзиниот најголем успех во кариерата.

Вообичаено е за ваков тип на филмови да има истовремено многу контроверзи кои не влијаат врз целокупниот естетски домен. Во многу сцени од филмот се појавуваат работи кои не се карактеристични за тоа време. Односно се карактеристични за седумдесетите, како на пример не биле изградени Градскиот трговски центар ГТЦ, Градски ѕид – Скопје, мостот Гоце Делчев – Скопје, хотел “Метропол” – Охрид, хотел “Континентал” – Скопје. Се плива во базенот на СРЦ Милан Гале Мушкатировиќ во Белград (изграден 1973 г.), потоа постери за концерт на Златко Пејаковиќ, масерката во младинскиот клуб ја потсетува Делфина на “одамна одржаното” Европско првенство во атлетика во 1970 година. Се пливаат квалификации за Европското младинско првенство во пливање во Осло 1976 година, по улиците на Скопје, Булоњ на Море и Охридските хотели се возат автомобили кои не постоеле во шеесетите години на минатиот век, итн.

Краток извадок на реплика во филмот:

„На вакви таленти треба да им се помогне. Кажи малечка, сакаш да снимиш плоча или да настапиш на телевизија, а? Речи само, имаме ние пријатели. Да, ќе те лансираме, чесен збор. Па и зошто да не !?! Ај да загубиме некое милионче, како на пример со рекламните костуми на Делфина. Нема врска, наши сме. Знам, знам што сакаш да речеш: едно губиш, друго добиваш. Ги знам јас приказните на рекламните агенти, сите сте исти, грабате каде што ќе стигнете, а друг ви ги плаќа сметките, та после: згрешиваме шефе, ќе се извадиме со нови таленти“.

Награди и реакции за филмот

„Филмот „Исправи се Делфина’“ е добитник на бројни југословенски и меѓународни признанија и е еден од најбараните македонски играни филмови во светот“. Оценет е како „ремек-дело“. А и како „можеби најкултниот македонски филм“. Една од неговите предности е тоа што тој е „еден од првите со поурбана и понормална содржина“.

„Присутноста на актуелниот животен миг во нашиот игран филм, воопшто беше во една постојана медиумска ретардација,“ се вели во рецензијата на „Исправи се, Делфина“ на страницата на Македонскиот информациски филмски центар. Токму „со овој филм Ѓурчинов, всушност, воспостави една условно кажано  нова жанровска ориентација, што се содржи во изборот на посебни аспекти од современото живење на нашиот човек.“

И онака култната актерка Неда Арнериќ за својата изведба во Исправи се, Делфина добива „Сребрена Арена“ на Филмскиот Фестивал во Пула и уште повеќе ја зголемува својата популарност.

Кратка биографија за Атина Бојаџи

Атина Бојаџи (родена на 13 март 1944 во Охрид – починала на 28 декември 2010 во Скопје) е македонска маратонка во пливање. Уште на 11-годишна возраст успеала да ги собори сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин стил итн.

Таа била светски шампион во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година. Вкупно двапати била светски првак на слатки води. Првиот пат само со 18 години, но вистински подвиг запиша истата година кога на исклучително опасниот маратон Саида – Бејрут, од 23 натпреварувачи на целта успеала да стигне само таа и еден пливач од Египет.

Претседателот на Либан, восхитен од нејзината пливачка моќ, а така млада, тогаш на Атина Бојаџи ѝ доделил орден за храброст. Таа до денес останува најмладиот првак на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња. Во 1962 година со испливување на патеката Капри – Неапол станала светски првак на солени води.

Препливувањето на Ламанаш кој подоцна станува инспирација за филмот

Врв на нејзината пливачка кариера е препливувањето на Ла Манш на 9 септември 1969 година, за 13 часа и 20 минути. На истиот ден десет години порано и Нико Нестор го препливува Ла Манш. Бојаџи тогаш станува првата Македонка, а воедно и првата пливачка од Југославија, која го остварила овој успех.

За дочекот во родниот Охрид, Атина Бојаџи изјавила:

„Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушав гласот на син ми кој во плач викаше: “Мајко, кои се овие луѓе, што е ова?“. Јас навистина до ден денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани.“

Потоа пливачката кариера ја заменила со тренерска, најнапред во белградскиот клуб „Црвена звезда“, а потоа и во спортскиот центар во Лос Анџелес, САД. Кон крајот на 1991 се вратила во Сараево, каде ја затекнала воената опсада на градот. Со помош на пријатели успеала да го напушти својот стан. Заедно со себе ги зела сите освоени пехари, сведоштвото на нејзиниот успех. По враќањето во Македонија била вклучена во организационите тела на Охридскиот пливачки маратон.

Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весникот Утрински весник ја прогласува за спортист на векот. Во нејзина чест, спортскиот комплекс кај Билјанини Извори во Охрид го носи нејзиното име.

Последното интервју кое Атина Бојаџи го дала за охридските медиуми можете да го прочитате овде.

Напишете коментар