Занимливости и информации Литература Поучни приказни Проза

Мајсторот и калфата што спечалиле многу пари со мачето во земја во која не виделе мачки

Си било едно дете главено кај еден тргоец за слуга. Му работило една година и на годината му платил тргоецот ругата што му чинело. Детето му вратило парите и само три пари си задржало и отишло покрај река. Та пуштило во водата да види дали ќе пропаднат; едно пуштило, и му пропаднале. Другата година пак така сторило и треќа година не му пропаднале тие пари. И тие веќе имало за алал. Четвртата година пак останало у тргоецот да му служит.

Сторил ниет тргоецот за да одит на панаѓур. Детето му дало трите пари за да му купит нешто стока од панаир мајстор му. Ѝ зел тргоецот трите пари и се насмеал.
– Е, ќе ти купам една свирка за триве пари од панаѓур – рекол по кротко.

Момчето чуло тој збор и недраго му паднало.
– Мајсторе – му рекло – те молам и мене земи ме на панаир, за да ти чинам измет барем по патот.
Го примал мајстор му, и тргнале да одат на панаир. Уште невлезени в море, видело детево покрај море три деца кај тепаат едно маченце. Му се нажалило и посакало да го откинит од децата. Арно ама децата не слушале негоата молба, ами сакале да го отепаат. Најпосле помолило со по една пара и го откинало и си го зело, та си ошло при мајстора си.

Влегле во гемија и си тргнале по море со гемијата да пливаат. Оделе донекаде в море, и се кренале големи талази (бура голема). Ја затерала гемијата без пат и ја отерала до некоја ада (остров), ја врзале гемијата на крајот и излегле во адата, и пречекале луѓето од адата, та зеле на вечера во некоја куќа.

Вечерта, кај што биле тргоецот и детето, надошле од селаните на муабет. Ставиле да вечераат и му дале на секого по еден стап в рака и му рекле: да се бранат оти ќе излезат многу глувци, та ќе му грабаат лебот од пред нив. Кога чу детето оти така, отиде та си го зеде мачето од дисагите и си го држало в раце готоо за кога ќе излезат глувците. Едно ставиле лебот на трпеза, и наизлегле глувци од дупките едночудо, и веднаш детето го пуштило мачето, та кога грабнало глувците да дави, спискале, трештиле на бегање, кој кај му очи – таму му глаа, полојната тукуречи издавило, и друзите се искриле по дупките.

Кога видоа селаните оти мачорчето толку му било јунак, сите се зачудија и му се молија да му го продаит детето. Кога виде тргоецот оти мачорчето на тоа место било многу требно, му рекол на луѓето:
– Е, бре луѓе, колку илјади ќе даите за да ви го даам ова мачорче, да ви сотрит сите глувци и да куртулисате од глувчои маки?
– Колку сакаш ќе ти дајме, само, аман те молиме, да ни го даиш, трговче! – му рекле селаните.
Му дадоа пари што нејќеа, и си отидоа на панаир, кај што му беше ниетот на чоекот. Колку што зеде стока мајстор му, вудве зеде калвата и се сторило голем тргоец.
Ете алал пари како се множат.

Марко Цепенков

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје