Чуден дочек на Нова Година

Не знам зошто, но на тој 31 декември одлучив да си тргнам за дома. Секогаш сум доаѓал дома неколку дена порано, но таа година постапив така. Можеби така ѕвездите сакале за да го доживеам најчудниот дочек на Нова Година воопшто. Влегов во возот околу два часот попладне. Дома требаше да стигнам околу шест. Ќе имав доволно време за да се подготвам и да отидам на прославата. За тој дочек си купив костум со боја на вишна и црни чевли. Сè требаше да изгледа совршено.

Се сместив на седиштето во возот. Беше удобно и топло. До мене седеше една стара жена со торба полна со подароци. Возот јурна напред. Бев возбуден. Тоа беше прва Нова Година која требаше да ја дочекам со девојка ми. Се возевме околу четириесетина минути, кога се слушна чкрипењето на кочниците на шинита, а потоа се слушна слаб удар. Удривме во нешто. Зарем е можено неколку часа пред новогодишната ноќ возот да удри во нешто? Патниците почнаа да зборуваат меѓу себе. Се шушкаа муабети дека возот удрил во некој автомобил. Потоа дека удрил во крава на патот. Вистината беше многу поморничава.

Некој се самоубил скокајќи пред возот. Некој одлучил да се самоубие на Нова Година скокајќи пред возот во кој јас се возам. Универзумот му заврти грб. На шините останавме околу еден час. Дојде полиција, па брза помош. Машиновозачот разговараше со полицаијците. Тоа можев да го видам од прозорецот. Најпрво мислевме дека се самоубил некој маж, но потоа дознавме дека тоа била жена. Триесет годишна жена која одлучила да скокне пред воз. Сирота, малку ја сожалував што така одлучила, но многу повеќе се грижев дека нема да стигнам на време за да се подготвам.

По два часа нè извадија од возот сите до еден. Стоевме среде пустелија. Возот во кој се возевме се врати назад, а нам ни рекоа дека ќе ни испратат дург воз да дојде по нас. Мрзневме на студот. Беше ладно и веќе беше темно. Погледнав во мојот мобилен телефон и веќе беше шест часот, но ако возот дојдеше за скоро ќе задоцнев само малку. Гадно се лажев. Дремевме крај шините до девет вечерта. Возот кој застана беше темен. Нѝ кажаа дека нема ниту струја, ни греење. Како подарок сигурно ќе добијам бронхит, си мислев.

Немаше шанса да стигнам до полноќ. Возот едвај се движеше по шините. Јас дремнав внарте. Беше темно. Се возевме низ пустелија. Околу полноќ неколку патници си посакаа среќна Нова Година. Онаа иста бабичка седеше до мене. Од што беше темно не можев да ја видам, но и ја стегнав дланката и ѝ посакав сè најубаво во новата година. Со ведрина во гласот и таа ми посака убави желби. Тоа беше најчудниот дочек на Нова Година во мојот живот.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?