Литература Проза

Што е кажано во тишина

Некои муабети ич па нејќам да ги правам. Мерак ми прави она неизреченото. Она што се ќути, она меѓу редови, она што сакаш да го кажеш ама не можеш од страв дека на глас ќе му се изгуби магијата. Си имам луѓенца за муабет и си имам луѓенца за ќутење. Е, со овие вториве ми е најубаво. Ништо не кажуваме ама толку си се знаеме што и во тишина разни теми мењаваме. Си имам луѓенца што ме знаат како дишам и ако малку го сменам дишењето одма добивам “Што ти е?” “Ништо не ми е.” Викам. Ама знам дека знаат. Тоа ми праи да се осеќам малку подобро, тоа “Што ти е?” Ми кажува дека не сум сама колку и да се осеќам така.

И овие муабети што нејќам да ги правам со нив, меѓу редови, во тишина се више направени зошто се знае кај нас, со нас, што е битно а што не. Тоа што е битно кај нас во тишина заедно се преживува, било да е прекин, било да е болест, среќа, љубов или па солзи. Ќе седнеме ќе плачеме, ќе ќутиме. Ќе изгрее сонцето, ќе дојде пак месечината, ќе биде боље. Сѐ тоа ќе се запише во некој дневник, меѓу редови. И друг да чита џабе му е, нема да разбере. Зошто пријатели ми се оние ко мене, духови, уметници, пијаници, писатели, поети и боеми, а таквите најчесто со ќутење најмногу кажуваме, зошто знаеме дека што е кажано во тишина, останува.

Од “Дневникот на една будала” 

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје