Не виде – Лина Димоска

А јас во очите ти видов цели светови
кои некако сакав да ги достигнам,
да ги допрам,
да ги почувствувам.
Сакав јас да бидам страста
која ќе ги движи световите,
која ќе им даде живот
и топлина
и светлина
и сето она што е потребно
за еден свет да заживее.

Во очите ти видов галаксии
и сакав да ги насмеам тие очи
за и галаксиите да се смеат,
па да заблескаат толку силно
од чија светлина моите очи ќе се заслепат.

Во очите ти видов и ведрина
и невиност
и насмевка
и наивност,
но не видов сјај во начинот на кој ме гледаш,
не видов ни копнеж,
не почувствував ни трепет.
Не забележав ни дека ти во мене
ги гледаш световите
што јас во тебе ги гледав.


Во мене ти не виде,
не виде ни искра,
ни зрак,
не виде ни светлнина,
ни темнина.

Не ја виде ни насмевката
со која секогаш те гледав,
не го почувствува ни трепетот
кој го чувствував секогаш
кога се приближував кон тебе.

Ти не виде,
не ми ја виде ни радоста,
ни тагата,
ни копнежот,
ни желбата.

Не виде.

Ти ништо не виде.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!