Жан Батис Поклен Молиер – еден од најголемите комедиографи на светската книжевност

Жан Батист Поклен Молиер (Париз, 15 јануари 1622 – Париз, 17 февруари 1673), бил француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската книжевност. Автор е на 33 театарски дела во кои ги исмејува тогашното општество, расипаноста и лакомоста на аристократијата. Најпознати негови дела се „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Жорж Данден“, „Скржавец“ и „Учени жени“

Животопис

Молиер е роден во Париз, во 1622 година, во семејството на имотниот трговец со тапети Жан Поклен. Крстеното име на Молиер било Жан, исто како татко му, а дури подоцна му го додале името Батист, со цел да се разликува од помладиот брат, кој исто така се викал Жан. Многу подоцна, во 1644 година, Жан Батист Поклен го зел уметничкото име Молиер. На десетгодишна возраст, Молиер останал без мајка му, за која не се знае ништо друго, освен тоа дека и таа потекнувала од богато трговско семејство, дека била писмена и дека во бракот со Жан Поклен родила шест деца.

Една година по нејзината смрт, Жан Поклен се оженил за неписмена девојка од трговско семејство. Жан-Батист, како најстаро дете во семејството, учел во познатиот колеџ „Клермон“ во Париз, заедно со децата на благородниците и на богатите луѓе. Таму, Молиер го научил латинскиот јазик, што му овозможило да ги чита во оригинал делата на античките писатели.

Според една легенда Молиер направил препев на делото на Лукреција „За природата на нештата“

Според една легенда, Молиер го препеал делото на Лукрециј, „За природата на нештата“.
Татко му на Молиер го добил почесното звање „тапетар на кралската куќа“ кое рано му го пренесол на својот најстар син. Подоцна, Молиер дипломирал право на универзитетот во Орлеан, но тој немал никаква наклонетост ниту кон адвокатурата ниту кон трговијата, иако одредено време работел во дуќанот на татко му.

Љубовта на Молиер кон театарот се родила уште во детството, кога заедно со дедо му ги посетувал театарските претстави низ Париз на кои уличните комичари изведувале лесни фарси. Наспроти очекувањата на татко му, во 1642 година Молиер се поврзал со глумечкото семејство Бежар во кое посебно се истакнувала надарената и убава глумица Мадлена.

Основање на „Славниот театар“

Со неа, Молиер го основал „Славниот театар“ (Illustre théâtre) којшто започнал да дава претстави во 1643 година, во Руан, а од 1 јануари 1644 година и во Париз. Како директор на театарот, Молиер бил затворен во средината на 1645 година поради долговите направени за наем на салата и за потребите на режијата. Сепак, тој бил пуштен од затворот откако за него била дадена гаранција, по што тој повторно ја собрал растурената театарска група и со неа тргнал на тринаесетгодишна турнеја низ Франција (1645-1658).

Денес постојат докази дека неговиот театар гостувал барем во 15 места, при што во некои настапувал повеќепати, а понекогаш ја уживал поддршката на разни благородници.

Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот. Во 1662 година, на поодмината возраст, Молиер се оженил со младата Арманда Бежар, сестра или ќерка на глумицата Мадлена Бежар. Малку подоцна кралот им бил кум на нивното првородено дете.

Во Париз, тој смело влегол во борба против лицемерното општество, но жена му се покажала како лекомислена кокета. Единствено заштитата од кралот го спасила од прогоните на тогашните аристократи, бидејќи секое негово ново дело предизвикувало протести и клевети. Дворјаните и духовништвото се здружиле против Молиер, уривачот на нормите.

Молиер доживеал напад за време на четвртата претстава на своето последно дело „Вообразениот болен“, во кое тој ја играл главната улога. Тој умрел веднаш штом бил пренесен во неговиот стан, на 17 февруари 1673 година. Притоа, по наредба на парискиот надбискуп, ниеден свештеник не сакал да го погребе Молиер според црковните обреди. Така што морал да биде погребан ноќе, надвор од гробиштата Монмартр, таму каде вообичаено се закопувале злосторниците и самоубијците.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?