Мисла – Наталија Наумовска

Мислата е клуч
за сите наши постапки
зачеток и претходник,
со неа завршува секоја ноќ,
а секој ден почнува со нејзино присуство.

Мисла која со еони опстојува
посилна е од сè што завршува
нејзиниот крај е нов почеток
одекнува како ехо во внатрешноста.

Со цел создадена,
без најава стигнува,
денот и ноќта по свој тек
ги спојува и обојува.
Силна како челик,
градела империи,
започнувала и завршувала војни,
склучувала мировни договори,
спојувала и разделувала.

Апстрактната димензија
ја прави уште помоќна,
заедно со волјата се совршен пар
за дејствување.

Мислата е клуч
кој отвора различни врати,
како бумеранг е,
секоја добро со добро,
секоја лошо со лошо
знае да се врати.

Мислата е моќ
оној што ја следи
е нејзин господар,
оној што ја игнорира
е нејзин слуга.

Мислата е фенер,
таа е вечен сопатник
кој ти го осветлува патот,
но таа е и затвор
од кој не можеш да избегаш.

Мислата е како река,
тече мирно до утоката,
некогаш го слушаш шумолењето
со останатите звуци,
а некогаш тече бурно
и сè што слушаш е гласна врева.

Мислата е извор
од кој протекуваат сите нешта,
мислата е клуч,
мислата е фенер,
мислата е река,
мислата си ТИ,
но ТИ си повеќе од мисла,
ти си сите твои минати,
сегашни и идни мисли.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?