Литература Писатели и поети Странски автори

Творештвото на Жан Батист Поклен Молиер

Тешко е да зборуваме за творештвото на Молиер, ако не сме ги гледале неговите претстави на сцена. Така, навистина може да ја увидите сатирата на овој театарски гениј.

Настапувал во провинција

Молиер, со неговите театрски дела настапувал пред се во провинциските места, каде била популарна комедијата. Тој ги преправал италијанските комедии и самиот пишуваат мали комични дела, а истовремено ги развил и своите актерски способности. Во своите први дела Молиер немал друга цел освен да ја насмее публиката, но тие му овозможиле да се стекне со поширока популарност. Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот. На 24 октомври 1658 година, Молиер добил дозвола да настапи во кралскиот дворец, пред регентката Ана Австриска и малолетниот крал Луј XIV.

Во Париз за првпат се претставил со трагедијата „Никомед“ на Корнеј

Пред париската публика Молиер најпрвин се претставил со трагедијата „Никомед“ на Корнеј и со својата комедија „Вљубениот доктор“. Со нив постигнал одреден успех и истата година ги поставил своите дела „Расеанко“ и „Љубовен инает“. Во 1659 година доживеал огромен успех со делото „Смешните кокети“ (Le précieuses ridicules) во кое играл една од главните улоги. Инаку, веднаш по доаѓањето во Париз, неговиот театар се здобил со покровителството на „Господинот“, т.е. братот на кралот, а по првите успешни претстави имал поддршка и од самиот крал. Од друга страна, Молиер знаел како да му се додвори на кралот и често пишувал дела по порачка на кралскиот двор.

1662 година постигнува еден од своите најголеми успеси, со комедијата во пет чина „Училиште за жени“

Во 1662 година, Молиер го постигнал еден од своите најголеми успеси, со комедијата во пет чина „Училиште за жени“ (L’ecole des femmes), по што тој станал првиот глумец кому кралот му доделил постојана парична помош. Меѓутоа, овој успех му донесол бројни непријатели на Молиер, и тоа: дел од благородниците, глумците од другите театри, помалку надарените писатели и свештенството, поддржано од кралицата-мајка. Како одговор на овие напади, Молиер ги напишал делата „Критика на Училиштето за жени“ и „Импровизација во Версај“, од кои, првото ѝ го посветил на кралицата-мајка.

Подготвувајќи се за големите кралски свечености во мај 1664 година, Молиер набрзина ја напишал галантната комедија со музика и балет „Принцезата од Елида“, а четири дена подоцна, во Версај биле прикажани и трите чина на „Тартиф“. До денес останува отворено прашањето, дали се работи за трите чина на комедијата што Молиер веќе претходно започнал да ја пишува или пак станува збор за целосно нова верзија на ова дело. Во секој случај, кралицата-мајка и благородниците издејствувале забрана на „Тартиф“.

Дон Жуан е забранета, повторно била поставена дури по смртта на авторот

Во 1665 година, Молиер набрзина ја напишал комедијата „Дон Жуан“, која по петнаесет претстави, исто така, била забранета, а повторно била поставена дури по смртта на авторот. Новата верзија на „Тартиф“, овојпат во пет чина, била прикажана во август 1667 година, откако претходно била читана и играна на приватни средби. Искористувајќи го отсуството на кралот, и ова дело било забрането веднаш по првата претстава. Забраната била тргната во февруари 1669 година и само во таа година, „Тартиф“ бил прикажан 45 пати во театарот и петпати приватно. Во 1672 година, Молиер ја напишал комедијата „Измамите на Скапен“, во духот на народната фарса и италијанската „комедија дел арте“.

Општествен сатиричар

Во првиот период од неговото книжевно творештво, Молиер пишувал помалку оригинални дела, фарси и комедии, во кои како да се подготвувал за улогата на општествен сатиричар. Така, комедијата-едночинка „Смешните кокети“ ги исмејува обичаите и светскиот салонски живот, на кој му недостасувала природност, и кој во основа бил лага и лицемерие: две кокетни госпоѓици го одбиваат додворувањето на две момчиња (гроф и маркиз), и се вртат кон други двајца кои се облечени како гроф и маркиз, а кои се всушност преоблечени слуги во таа облека. Ова интересно сиже му пружило можност на Молиер да го прикаже потеклото и психологијата на на лицемерството во 17 век.

„Смешните кокети“ претставува пресврт во творештвото на Молиер

Комедијата „Смешните кокети“ претставува пресврт во творештвото на Молиер, зашто во оваа едночинка тој првпат започнал да ги исмејува недостатоците на тогашното општество. Оттогаш, тој редовно поставувал претстави со современа тематика, испробувајќи се во сите видови комедии – фарси, ревии, херојски комедии, галантни комедии, комедии со балет и со музика, карактерни комедии, драматични комедии итн. На тој начин произлегле неговите главни дела, како: „Зганарел“, „Училиште за мажи“ (L’ecole des maris), „Училиште за жени“, „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“ (Le Misanthrope), „Жорж Данден“, „Скржавец“, Господинот де Пурсоњак“, „Граѓанинот-благородник“ (Le bourgeois gentilhomme), „Учени жени“, „Вообразениот болен“ итн.

Нajчести теми се брак и воспитување на девојките

Темите со кои Молиер се занимава во своето прво големо дело се сведуваат на две прашања: брак и воспитување на девојките. По Молиер, во романите на Ричардсон и Русо, во драмите на Дени Дидро, ќе се смета дека од правилното решение на семејните и брачните прашања ќе зависи и правилното решение на социјалната и државната задача.

Во две други драми од првиот период на Молиер, „Училиште за мажи“ и „Училиште за жени“, тој се јавува како апостол на слободното и природно чувство и остро ги критикува мажите кои на жената гледаат како на своја сопственост. Молиер е против сите форми на неприродни бракови, сметајќи дека не може да има здраво семејство ако луѓето стапуваат во брак со нееднаква возраст, социјална положба или без љубов.

Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти

Во неговите први комедии сè се решава брзо и едноставно. Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти, брзо се утешуваат после неуспехот, па и самите се смејат на својот неуспех. Но, после неколкугодишно пишување, веселата насмевка на ликовите од Молиер се заменува сè почесто со тажна и замислена нота. Молиер на почетокот не сакал да им објави војна на групите кои застанале против него. Тој едноставно бил „сликар“ на францускиот живот, и тоа многу успешен, штом луѓето се препознавале во неговите ликови.

Иако се држел до основните принципи на класичната поетика (поголемиот дел од неговите комедии се напишани во стихови, составени се од пет чина и се одликуваат со единство на дејството), Молиер често отстапувал од нив, а тоа особено се гледа во реалистичкиот опфат на животната материја, во изборот на ликовите, во слободното толкување на правилото за единство на времето и просторот, како и во народниот јазик кој често го говореле неговите ликови. Токму поради употребата на народниот јазик, Молиер бил критикуван од неговите современици, особено од Лабриер и Фенелон, кои му префрлувале дека неговите ликови зборуваат како луѓето од улицата.

Делата имаат одредена дидактичка нота

Инаку, како и другите дела од класицизмот и делата на Молиер имаат одредена дидактичка нота. Така, тој ги слика пороците на луѓето, со цел гледачот да изведе заклучок за тоа што е добро а што зло. Така, во молбата упатена до кралот во врска со прикажувањето на „Тартиф“, Молиер напишал: „Бидејќи комедијата има за цел да ги поправа луѓето забавувајќи ги, сметав дека како комедиограф најдобро ќе сторам ако ги нападнам, сликајќи го смешното, пороците на мојот век.“ Сепак, поуките застапени во неговите дела никогаш не се претвораат во морализирање. Напротив, токму поуката и комичното, поврзани со реалистичниот приказ на луѓето, им даваат карактер на неговите комедии и им даваат долговечност.ж

Одликите на неговите комедии

Најважните одлики на творештвото на Молиер се: длабоко познавање на општествените проблеми, извонредна дарба за цртање различни средини и карактери, непогрешливо сценско чувство, живост и природност на дијалозите и дарба за комичност. Сето тоа го приближило неговото дело и до најпростата публика, но истовремено тој ја стекнал и наклонетоста и на најстрогата книжевна критика.

Во своите дела Молиер исмејувал и критикувал бројни општествени групи, професии и сталежи, но тој не бил секогаш револуционерен. На пример, тој никогаш не ја напаѓал апсолутистичкиот монархистички режим, што веројатно се должело на неговиот опортунизам (поддршката од страна на кралот). Исто така, тој бил многу конзервативен во поглед на местото на жената во општеството. Молиер бил чист реалист чии дела не се искачуваат во сферата на чистата поезија или филозофија, туку на проблемите им приоѓа од аспект на здравиот разум и моралот. Сепак, благодарение на извонредните уметнички способности тој зазема едно од првите места во светскиот театар.

Легендата за Молиер

За значењето на Молиер како автор постои една легенда според која кралот Луј XIV го прашал прочуениот теоретичар на класицизмот, Боало: Кој е поетот кој најмногу ќе го прослави неговиот век? Кралот бил многу зачуден кога Боало му одговорил дека тоа е Молиер. И навистина, предвидувањето на Боало се остварило, зашто и ден-денес делата на Молиер продолжуваат да се прикажуваат во театрите ширум светот.

Сепак, одредени критичари и историчари на книжевноста имаат негативен став кон творештвото на Молиер или кон некои негови дела. Така, тој често е посочуван како поет со слаба инвенција, кој не само темите туку и ликовите и настаните ги позајмувал од италијанските, римските, шпанските и француските автори. На пример, комедијата „Училиште за жени“ има свои примери во италијанската и во шпанската комедија, а делото „Скржавецот“ по својот дух е блиско до делото на римскиот автор Плаут.

Всушност, самиот Молиер воопшто не криел дека позајмува од други автори, одговарајќи: „Го земам своето добро таму каде ќе го најдам.“ Меѓутоа, не може да се тврди дека стануав збор за механичко преземање на туѓите дела, туку неговите комедии претставуваат нов квалитет, дури и кога темите не се оригинални. Исто така, според некои критичари, Молиер не успеал да се крене во високата сфера на филозофијата и чистата поезија.

Прочитајте ја и статијата за творештвото на Силвија Плат.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје