Постои едно чувство кое уште нема име, а сите го почувствувале барем еднаш. Кога би го опишала би му ги доделила придавките: незавршено, недоречено, недоискажано. Некогаш е интензивно, а некогаш нема ни да го забележиш дека се појавило, но е присутно. Се појавува во неколку различни ситуации, од различен карактер. Но најмногу погаѓа кога тоа недореченото ќе се исправи пред двајца кои само што почнале да градат заеднички мост.
Епа токму тој мостот набрзо или ќе биде срушен баш поради недореченото и ќе остане незавршен или ќе се изгради и ќе ги спојува двете срца засекогаш. За жал или за среќа на некои срца не им е судено да чукаат едно покрај друго. Зошто за среќа? Една од причините е дека немало да постои ниту миг на сомнеж ако срцата се едно за друго.
Тоа недореченото боли иако не знаеш точно зошто, посебно ако другата страна останала таква. Недоискажаното ќе си струи во воздухот и никогаш нема да го најде својот пат, а тешко паѓа во заборав. Крилјата му се големи за среќа па останува заробено во височините. Во тие височини летаат сите зборови што не излегле од нашите усти, како и колебањата, вистинските реченици што сме немале храброст да ги кажеме.
Оние кажаните за кои требало навистина голема храброст можат некого да исплашат. Тука е разликата меѓу луѓето и големите луѓе. Тие вторите не се плашат од ништо, не посебно од храбри зборови кажани од дното на душата. Не ги користат како оружје кон оној што ги искажал туку ја ценат искреноста. Големите луѓе те ценат поради тоа што го носиш внатре, во душата и ја знаат твојата вредност само кога ќе те погледнат во очи. Оти ти ја читаат душата во нив, а знаат дека вредноста на еден човек не се мери со ништо.
Големиот човек не го плаши туѓата ранливост, тој е подготвен да биде поткрепа, како столб на некое разнишано гранче. Во секојдневниот живот ќе наидеш на многу скршени луѓе чиишто рани ги направиле затворени, замрзнати. Не можеш да им се налутиш на таквите. Не ги прифатиле поразите како нешто од кое можат да научат нешто вредно. Туку ги направиле со поотворени очи, повнимателни, но и понедостапни.
Ретко кој може да го разбие ледот што ги опколил, баш поради нивниот страв дека повторно ќе бидат повредени. Секој обид да допреш подлабоко до скршен човек може да резултира со исеченица. Освен, ако тој човек е подготвен да се промени. Тогаш и самиот нема да дозволи повеќе крвопролевање, отфрлање и создавање рани.
Ако носиш нешто неизречено кон другите, не се колебај. Во прва прилика кажи ги зборовите што ти тежат. Вистинските луѓе ќе го ценат тоа колку и да не им се допаѓа она што ќе го слушнат. Ако некој останал недоречен и не знаеш кои мисли не добиле шанса да прозвучат гласно, остави. Твоето чисто срце може многу да поднесе, дури и оние недоречености чиешто значење никогаш нема да стигне до твоите уши.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.