Ангелоот од ниедно време
во бели зори што слезе,
се шета.
Ту на облака ту на камен
допира крила. Мајка ми крај огниште
и на распаќе на времиња
отвора врата, со леб и сол
и благост на збор го двори
како на долг пат да се спрема.
Во бело е облечена планината со крилја
на лебед и тело на брод Ангелот
во оган и роса умива лика
и сета Убавина ја покажува
како оружје на Стража. По патека
од матечина тој собира
расштркани мисли, жнее бол.
Јас сега со тој ангел од детството
се среќавам и со саатот на твоето време
Ти пееш а јас тело на твојата песна
те слушам:
Таков расад
и таков распоред на тага и моќ
имаат само ѕвездите.
![](https://i0.wp.com/krajbrezje.mk/wp-content/uploads/2021/03/20201213_155946-scaled.jpg?resize=100%2C100&ssl=1)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.