Моша и Мирјам – Маја Малиновска

    „Моша и Мирјам“  –  си помислуваше дека убаво звучи за имиња на двајца идни младоженци, две души кои ќе се спојат во една, за да бидат целосни. Често слушаше во синагогата дека секој кој нема жена живее без радост, без благослов, без добрина. Гледајќи ги своите родители знаеше дека се благословени, дека ја исполниле Божјата заповед.

Не ја познаваше лично Мирјам, но таа беше керќа на познаник на татко му, Рафаел, кој беше еден од најбогатите трговци во градот, прочуен низ целата Отоманска Империја. Неговиот, беше трговец со штоф и беше еден од најпрочуените трговци во старата битолска чаршија. Родителите веќе беа склучиле договор, кој требаше да биде потпишан свечено за време на самиот чин.

Беше возбуден  но и се прашуваше дали може да повика некои од неговите пријатели. Сакаше да ја сподели својата радост со Благоја, неговиот другар од детството со кого ги делеше веселите детски игри. Уште кога разбра дека посредничката договорила свадба, знаеше дека сака да биде нешто веичествено и дека сака да ги покани оние со кои ги поминал најубавите моменти.

Беше нестрплив за денот на свадбата и знаеше дека таквите моменти мора да ги сподели со оние кои најмногу му значат.

„Моша и Мирјам. Моша и Мирјам, Моша и Мирјам“ си мислеше додека одеше накај куќата каде живееше Благоја. Не знаеше дали ќе го најде дома, но возбудата беше поголема од сѐ.

Благоја живееше со стрико му и стрина му и ретко беше дома. Чукна на влезната врата, но никој не отвори. Можеби спие, можеби е уморен од напорниот ден, си помисли Моша .

„Благоја!“ –   викна под големиот чардак кој се протегаше низ големиот двор. Благоја живееше сам, во собата која беше негова на вториот кат од куќата и спиеше уморен од макотрпната работа која го исцрпуваше секој ден. Некогаш работеше и за викенди и немаше време кога да се одмори. Се исплаши кога го чу своето име. Кој ли можел да го буди во ова време, и кој би дошол сега да го посети?

Кога го виде Моша, не можеше да поверува на своите очи. Го немаше видено неколку години и беше знатно изменет.

„Моша, не можам да поверувам. Ајде, влези , не седи тука надвор.“

„Благоја, само набрзина да ти кажам ти носам покана. Се женам, знаеш некако се е набрзина, но сакам да ми удостоиш присуство. Ќе ги поканам и Хаим и Крсте, ќе биде незаборавна средба. Свадбата ќе биде во декември. “

„Како ме израдува, секако дека ќе дојдам, само не знам не сум бил на еврејка свадба и не ги знам адетите, но секако ќе се распрашам.“

„Не се грижи, ако треба нешто да дознаеш, јас сум тука и ајде ќе ти објаснам кога ќе ја донесам поканата. “

„Добро, но ете само набрзина, кажи ми која е избраничката?“

„Мирјам,ќерката на Рафаел, трговецот. “

„Убава е и од добра фамилија. Се радувам за тебе“.

„Да, Бог ме благослови со прекрасна сопруга и секако со пријатели како тебе Благоја со кои ќе можам да споделам ваков чин.“

Откако ја прими веста дека ќе оди на свадбата на Моша, неговиот пријател од школските клупи, Благоја почна да се распрашува низ градот, низ чаршијата за еврејските адети. Не знаеше како треба да се однесува на свадба, каков поклон да однеси, како да се дотера.

Тогаш се присети за шнајдерот Ефтим кој земаше штофови од кај Рафаел, и беше сигурен дека знае повеќе за еврејските адети и отиде да се распраша.

Знаеше дека и ќе треба да се дотера и ете сега беше шансата да си сошие костум. Тој проблем го реши, но што да купи?

„Здраво живо, чичко Ефтим!“

„Здраво живо Благоја, како си? Што те доведе навака?“

„Добар, чичко Ефтим. Знаеш, ме поканија на свадба. Морам да се дотерам, па еве дојдов, да си направам нов костим. Патем, не на наша македонска, туку на еврејска. Го знаш другар ми Моша, нели? Ќе се жени за ќерката на Рафаел, трговоцот за штоф.“

„Ахам да начув веќе, знаеш ние тука чаршиски сѐ знаеме. “

„Да, но ете не знам за нивните адети, не знам ни каков поклон да однесам. Живеам сам и искрено немам ни со кого да поумабетам, но ете тебе чичко Ефтим сакам совет од тебе. Со стрико и стрина знаеш не муабетам многу и не се гледам. “

Навистина, од чичко Ефтим дозна за некои од обичаите на Евреите, толку таинствени, толку убави обичаи кои му го заиграа срцето.

Дозна за хупата под која ќе се венчаат младите во придружба на рабин. Дозна за свечениот црн костим кој треба да го сошие, да изгледа свечено зошто за Евреите свадбата е навистина многу свечен чин.

Често поминуваше покрај еврејското маало и ги гледаше убавите свеќници на нивните прозорци. Се прашуваше зошто овие свеќници се разликуваат од нивните, зошто се осмокраки?

Се сети да го  праша Моша.  Викендот кога беше послободен отиде кај Моша. Моша  толку се израдува што Благоја се интересира за нивните обичаи. Му раскажа за празникот Ханука и за тоа како го слават.

Благоја се реши да купи свеќник.Знаеше дека има скромни средства и дека ги беше зачувал за си купи огрев за зимата која доаѓаше, но сега парите ќе ги потроши на нешто убаво.

Поканите ги доби од Моша и ги разгледуваше секое утро. Толку беа убави , имаа некои чудни знаци и беа напишани на еврејско писмо кое делуваше како некоја загатка која треба да се одгатни. Веќе знаеше дека ќе оди со пријателите од детство, се договорија да одат заедно. Возбудата растеше секој ден и чекаше да дојде деветти декември, денот на свадбата.

Беше четврток и работен ден, но тоа не го спречуваше да биде расположен и весел.  Впрочем, неговата младост силно гореше во него. Дотеран, се упати заедно со другарите кон синагогата каде требаше да биде свечаниот чин. Толку беше возбуден, не спиеше со денови и се огледуваше секојдневно во огледало со убавиот костим. Кога влезе во синагогата, му трепереше срцето, целиот трепереше. Тоа беше првпат и можеби последен пад да влези во синагога. Невестата имаше долг вел, каков што не беше видел и сите станаа кога влезе во придружба на мајка си. Мажите и жените седеа одделено и се погледнуваа со загадочни погледи.

Благоја влезе со другарот Крсте и стоејќи втренчено гледаа во невестата чијашто убавина се криеше под долгиот вел. Во мигот посака да си најде сопруга за себеси, посака и тој еден ден да се вдоми. Наеднаш се вознемири. Ја виде неа. Славица. Неговата љубов од школските денови. Го почувствува оној стар трепет кој го чувствуваше секогаш кога ќе ја видеше. Остана да биде истата убавица која ги засенуваше сите други. Почувствува неизмерна среќа.

Слушна кршење на часа.

„Mazel Tov!” – извикаа сите во чест на младите.

„Ја виде Славица?“ – го праша Крсте.

„Да, ја видов. Се уште ми трепери срцево. Среќа што ме поканија на свадбава за да се сретнеме, да ја видам. “

„Ветена е на Јован. Веридбата ја закажале за следната среда, а свадбата слушам ќе биде летоска. “

Јаловина му се направи срцето. Црнина го облеа низ целото тело. Знаеше дека е немоќен да направи било што. Но надежда не го напушташе. Си вети дека тажната вест нема да го отргне од помислата да прави свадба следното лето со неговата идна избраничка и ќе ги покани своите еврејски пријатели да бидат сведоци на типична македонска свадба и да научат неколку македонски обичаи.

Маја Малиновска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?