Да фатиш ѕвезда што паѓа,
да ѝ ја дадеш на девојката,
да си речеш себеси ‘Ништо помалку не заслужува’.
Да фатиш ѕвезда што паѓа,
со конец да ја врзеш,
па под балкон да ѝ застанеш,
под ѕвездата, на Ѕвездата да ѝ запееш.
Да фатиш ѕвезда што паѓа,
па да сфатиш дека не е камен туку жена,
да разбереш дека за љубов е родена а не да биде прегазена.
Да фатиш ѕвезда што паѓа, ко ѕвездена прашина околу телото в прегратки да ти се обвива,
да сфатиш додека ти дење ја бараш таа ноќе те покрива,
в зори до тебе легнува,
и на небо и на земја царува,
дом и љубов и светлина ти дарува.
Да фатиш ѕвезда што паѓа,
зошто ѕвезди – жени ретко паѓаат,
зошто токму нив фанатици со камења ‘свети’ ги гаѓаат, а не знаат дека нема посвето од парче од небото,
од ѕвездена прашина,
затоа ако научиш, научи го и син ти за ѕвездата,
наместо некој да стравува за ќерката.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.