Литература Поезија

Ниту еден крај не се случува одеднаш – Лина Димоска

Ниту еден крај не се случува одеднаш,
секој крај започнува од самиот почеток.
Човекот се раѓа со апсурдното прогонство,
дека еден ден ќе му дојде крајот.
Свесно.
Живее со прогонството,
оти не може да се ослободи од него.
Некои живеат со радост,
оти подзабораваат на прогонството,
а некои во страв,
оти од прогонството не можат да се ослободат.

Ниту еден крај не се случува одеднаш,
секој крај започнува од самиот почеток.
Жената се раѓа со апсурдното прогонство
дека еден ден ќе си легне на брашното.
Свесно.
Живее со прогонството,
не може да се ослободи од него.
Ама има такви жени кои на прогонството
му се спровтиставуваат,
па како диви ѕверки се борат за себе,
како полудени водат љубов,
мирисаат на диви капинки
и имаат чуден сјај во очите.
Некои си легнуваат на брашното.
Едините се сакаат себеси и животот,
другите сакаат да си легнат на брашното.

Ниту еден крај не се случува одеднаш,
секој крај започнува од самиот почеток.
Мажот се раѓа со апсурдното прогонство
дека не треба емоција да покаже.
Свесно.
Живее со прогонството.
Ама има такви мажи кои на пронството
како темјан на ѓавол му спротивставуваат,
па сакаат и љубат со целото свое битие,
ноќе плачат оти душата ги боли,
оти сфатиле дека е машки да се плаче.
А има и такви кои ја прифатиле девизата,
па се замрзнале зад кулисите
кои ги спуштиле пред себе.
Едните се сакаат себеси и животот,
а другите сакаат да бидат маженца, а не мажи.

Ниту еден крај не се случува одеднаш,
секој крај започнува од самиот почеток.
Мажот и жената се фаќаат за рака
и со наведнати глави цврсто се држат.
Свесно.
Живеат со ова прогонство.
Оти страв им е да излезат од лавирините
на токсичната врска,
од врската во која не останало ништо
освен држењето за рака,
од врската во која одамна нема ништо
освен безброј преспиени ноќи
во различни постели,
од врската во која одамна нема ни капка страст,
ама има зона на удобност.
А таква зона ретко се наоѓа.
Ама има и такви кои не плашат да изезат од зоната,
оти полесно им е да ја пуштат таквата рака
наместо цврсто да ја стегаат
оти од стегањето и срцето им се стега.
Едните се сакаат себеси и животот,
а другите само го прифатиле прогонството.

Ниту еден крај не се случува одеднаш,
секој крај следува уште од самиот почеток.
Само од нас зависи
дали ќе го прифатиме прогонството
или ќе дозволиме среќата да нè гони.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје