Отсекогаш сум била инспирирана да напишам нешто, полна со идеи во главата. Секогаш имав нешто во мене со кое можев да возвратам на нешто друго. Но можеби не бев доволно подготвена да ја стиснам силно во мене желбата за тоа да го споделам со некого. Бидејќи сѐ што било во мене, сите запечатени текстови – сум дозволила да поминат само низ главата, во моите мисли и никаде на друго место.
Имав многу прилики мојата внатрешност, моите емоции и размисли да поминат со мастилото преку листот ама не се здобив со таа храброст (сепак некои и засекогаш ќе останат приватни и скриени, нормално како и кај секој човек). И затоа често бев небрежно настроена кон нештата. Но знам дека мечтаев по тоа. Она кога те прогонуваат мисли од сите страни, искуства (без разлика дали наши или туѓи) и кога уште многу малку недостасува да претече млекото и воедно ти имаш толку многу нешта за кажување, но за жал не знаеш како и од каде да почнеш.
Има многу работи на кои им се чудам, на некои им се восхитувам, а пак некои сè уште не можам да ги разберам и мислам дека никогаш ѝ нема. Опкружени сме со злобата на луѓето, нечовечноста и емоционално и психички мислам дека патиме ама веќе и се навикнуваме на тоа и го прифаќаме како нормално и отсекогаш дел од животот. Но морам да признаам дека сум многу разочарана од светот, и верувам дека уште многу се разочарани.
Се прашувам како можете да бидете толку подли, мизерни и безчувствителни? Како тоа да ви е мотото во животот и целта, како некој да ве плаќа за тоа! Се однесувате толку високо и ужасно – стоички, не мислите на фаталните последици, а ние секој ден сме сѐ повеќе и повеќе фрустрирани. Не мислите ли на тоа дека секој човек различно ги доживува работите, различно ги прифаќа или можеби некои не ни ги прифаќаат? Свесни ли сте колку боли?
И дека некои се соочуваат со многу тешкотии, и најчесто повредените, осамени и скршени луѓе се соочуваат со анксиозност, депресија и многу други полоши работи што сега не ни сакам да ги споменувам. Болката не е еднаква кај секого, не поминуваме сите низ истото и различно допира и влијае на секој од нас. Потрудете се да го сфатите тоа барем еднаш! Но исто така и се запрашувам, дали вие сте ја осетиле некогаш таа болка?
Дали некој ви го направил и вам тоа истото што и вие го правите некому? Минута молк нели? Претпоставувам не. Затоа што човек кога ќе осети на своја кожа делува поинаку, така? И се колнам дека тогаш вас ќе ве боли уште повеќе и ќе сфатите што всушност сте им направиле на другите и верувајте повеќе нема да го сакате тоа.
Животот е краток, не ги повредувајте другите. Не се впуштајте во тие валкани игри, сакајте го животот и допуштете да ве сака и тој. Не си играјте со чувствата на луѓето, со нивната добрина и трпение. Научете се да бидете човечни додека е време. Ако низ животот не сме „фраери“ не значи дека сме декадентни. Почувствувајте го топлиот ветер кој убаво и нежно си игра со вашите коси, а не мразот и студенилото.
Емпатијата е подобар избор во секој случај. И ако некој трпи и издржува, тоа не е дека тој е глупав или наивен. Едноставно има повеќе трпение кое нема да трае засекогаш. Не пробувајте да ги тестирате луѓето, во крајна точка сите сме луѓе нели?”
Теодора Трајковска