Не бев ѕидар, но го соѕидав ѕидот
на мојата куќа…
На скелето, сенките уште како да стојат
соѕидани во дел, кој никој не знае чиј е…
Со мистрија ја измазнив грубата мисла
со кикот весел, без лелек и болка..
Дете бев.
Не бев ѕидар, но го соѕидав тоа парче среќа
за зли времиња..
кои ги однесе татковата рака
таа што знаеше силно да гали
за на врата катанец да стави.
Го прекри ѕидот со камчиња во боја
и во ѕидот ја заѕида душата своја.
Не сум ѕидар..еве со чекан стојам
ги откопувам …насмевките
солзите, погледите, прегратките.
Ѕидот го рушам
Не сум дете…
Николина Ќорвезироска