Ти си премногу сличен на мене. Имун на сите емоции и чувства. Повреден, скршен и тоа онолку многу колку што само животот може да скрши еден човек. А пак цврсто стоиш на нозе. Со насмевка на лицето го дочекуваш секое наредно утро. Секој нареден ден. Се плашиш од чувствата кои како магнет те влечат кон мене. Ние двајца си требаме еден на друг на некој необјаснлив начин. А да бидеме заедно, не можеме.
Ти во мене ги разгоре сите огнови. Сите огнови кои тлееле, но не зганале. Не згаснале оти не можат да згаснат. Во мене се. Си ги носам каде и да одам. Не згаснале оти чекале да бидат разгорени од некој како тебе. Па сега блескаат. Блескаат секаде наоколу и секој може да ја забележи топлината на душава моја. Ти во мене ги разбуди сите демони. Сите мои демони од кои од секогаш сум се плашела. Оти се плашам да чувствувам. Се плашам пак да љубам силно. Се плашам целосно да се препуштам на мигот. Оти се плашам пак да не бидам скршена и повредена. Но, зарем животот не прекраток за човек да се плаши да чувствува силно? Зарем не е прекраток за човек да се плаши да се препушти на мигот?
Ама јас таква сум. Изгледам како дива ѕверка, но во душава ми се крие нежна срна. Срна што ја распарчиле. Срна што животот сто пати ја скршил. Срна што не се опорава или не сака да се опорави од болките, од тагата. Срна што само живее со сеќавањата и секој ден одново и одново ја доживува болката. Срна што се плаши да преболи. Срна што се плаши да заборави. Но, зарем животот не е прекратот за човек да го мине во сеќавање? Зарем не е прекраток за човек да најде време да заборави на сè?
Ама јас таква сум. Сакам да не заборавам за да не можат пак да ме повредат. Затоа околу себе соѕидав ѕидини. Ѕидини кои не можат да се срушат. Ѕидини што можеби ќе ги прескокне само некој како тебе. Некој премногу сличен на мене. Повреден, скршен, нурнат во длабочите на океанот. Но некој кој никогаш не го допрел дното, туку пливал. Пливал во болката, во очајот, во тагата. На крајот се нашол на брегот. И си соѕидал свои ѕидини. Оти само силните можат да пливаат низ такви води. Силните. Некои луѓе силни како мене. Како тебе. Како нас.
Дали ќе ти ги отворам вратите од ѕдините? Не верувам. Ама ти не откажувај се. Продолжи. Искачувај се. На добар пат си. Можеби еден ден ќе станам толку силна, што сама ќе ги срушам ѕдините околу мене. А до тогаш ти искачувај се по нив. Храбро и силно. Така како што знаеш само ти. Како што знам и јас. Оти само силните можат такви ѕидини да искачат. Еден ден можеби ќе стигнеш до целта.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.