Skip to content

Ќе можеш ли? – А. Лефкоска

Погледни ми ја темнината. Кажи ми, ќе можеш ли да ме сакаш во неа? Да го напуштиш светлото и да зачекориш во прегратките на мракот што ме обвива? Ќе можеш ли? Ќе можеш ли да ми ги сакаш бескрајно искршените делови, имагинарните и физички лузни, она сѐ што не може да заздрави? Ќе можеш ли да ми ги сакаш вените од кои штом се пресечат крв не излегува туку мастило? Ќе можеш ли да ми ги сакаш очите иако не плачат? Усните што молчат и срцето што при еден поглед ми застанува в грло?

Ќе можеш ли да ме истрпиш кога ќе ме обземе меланхолија па нема да сакам да се објаснувам? Ќе можеш ли да ме прегрнеш кога детски ќе ти се искарам иако ќе грешам? Ќе можеш ли да имаш трпение кога некоја моја несигурност нема да ти биде јасна? Трпение. Трпение повеќе од воздух ќе ми треба. Ќе можеш ли да имаш трпение со мене, тогаш кога ќе пелтечам и со затворени очи ќе пробувам нешто убаво да ти раскажам? Ќе можеш ли, колку што ме сакаш мене да ги засакаш и моите чудовишта и војни и соништа? Ќе можеш ли да живееш со мене во колиба, во палата, во замок и на планина? Ќе ти има ли разлика дали леб и паштета ќе јадеме или кавијар?

Ќе можеш ли да ме сакаш наспроти светот? Да ми ја држиш раката тогаш кога ќе ти биде најтешко? Ќе можеш ли да ја засакаш светлината на каминот и запалените свеќи во ноќта измешана со мирисот на мастило и звукот од допирот на хартија со пенкало?
Погледни ми ја убаво темнината. Кажи ми, кога не ќе можам ниту јас, ќе можеш ли ти да ме сакаш во неа?

Од “Дневникот на една будала” 

Напишете коментар