Димитар Папрадишки, последниот македонски зограф

Димитар Андонов Папрадишки (1859 – 4 јануари 1954) e последниот македонски зограф. Тој воедно е и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата. Познат е и како историски сликар и портретист. Бил син на истакнатиот градител, копаничар и иконописец Андон Китанов (1829-1914).

Биографија

Димитар Андонов Папрадишки е роден во 1859 година во мијачкото село Папрадиште во непосредна близина на градот Велес. Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование кое во тоа време било достапно и успешно завршил “четврто класно училиште”.

Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес тој на многу рана возраст, на само 20 години, веќе бил самостоен во својата зографска работа приклучувајќи му се на татко му кај кого и ги стекнал првите уметнички искуства. Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство кое под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче кое со генерации наназад го практикувало не само зографскиот занает туку биле и градители, каменоресци и резбари. Оттаму избраниот позив на Андонов бил очекуван.

Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/83 година кога ја посетува Художествената-иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која со успех ја завршува. Во 1887 година му се пружила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија. Таму тој по сугестиите на својот професор Вишневски се претставил на конкурсната изложба во Духовната академија во Москва со свое дело – икона во византиски стил.

Сребрен медал на конкурс за неговата икона во византиски стил

Иконата го освоила сребрениот медал на конкурсот со што Андонов се здобил со парична награда од 1000 рубљи. Воедно бил примен на редовно школување со стипендија. Судбината овојпат не му била докрај наклонета и тој по едно известие дека целото село и неговото семејство биле потполно ограбени од страна на Арнаутите, се враќа во Македонија за да му помогне на своето многубројно семејство. Андонов веќе не се враќа назад да се дошколува, но веднаш се вклучува во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и Дојранско. Неговиот сликарски талент дошол до израз, и тој набргу, веќе бил самостоен во изработка на делата. Преземајќи ги работите кој му ги препуштил татко му бидејќи увидел дека синот го надминал во неговата работа.

Неговиот ран и долг творечки пат бил длабоко проткаен и обележан со неизвесната и трагична судбина на Македонија. Задоен со револуционерните идеи за ослободување на Македонија, подоцна како истомисленик и соработник на Гоце Делчев кого го запознавал во 1896 год во Штипско Ново Село, каде обајцата биле ангажирани професионално: едниот како уметник другиот како учител, тој повеќепати бил прогонуван и затваран.

Бил осуден на доживотен затвор

Веќе во 1878 година бил окован во затворот во Дојран каде бил наклеветен од страна на гркоманите за неговата просветителска активност да не се употребува грчкиот, на сметка на словенскиот јазик кај македонското население. Во 1905/1906 година за своите револуционерни активности Андонов заедно со други видни штипјани бил осуден со доживотна пресуда и затворен во Куршумли-ан во Скопје. Благодарејќи на интеренцијата на австрискиот конзул, по 9 месеци бил ослободен.

Во 1913 година тој повторно бил затворен но овој пат од страна на српската власт во Велес. Потоа бил префрлен во затворот на Косовска Митровица. По поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор тој бил пуштен на слобода. По завршување на првата светска војна во 1919 година Андонов трајно се преселува во Скопје каде во стариот дел на градот отвара свое студио за работа. Кај него ги стекнале своите први ликовни сознанија уметниците Никола Мартиновски и Томе Владимирски.

Културниот амбиент во Скопје на Андонов му пружа услови во кои тој успешно ќе се реализира не само во религиозното, туку и во профаното сликарство. Разноврстен и плоден во своето творештво, тој ќе доживее своја јавна афирмација преку изложбите организирани од страна на друштвото Јефимија. Но и ќе учествува во низа заеднички изложби со зачетниците на модерната македонска уметност.

Фреска од Папрадишки во Св. Јоаким Осоговски

Награда за неговата долгогодишна креативна работа и членство во Националниот музеј во Скопје

Во 1940 год. градскиот совет му доделува награда за неговата долгогодишна креативна работа. И конечно во 1946 година државата го згрижува својот уметник, прогласувајќи го за номинален член на Националниот музеј во Скопје.

Димитар Андонов Папрадишки со своето творештво се издвојува како уметник кој во последните две децении на XIX век започнува полека. Меѓутоа трајно да влијае на ликовните текови во Македонија. Иако академски докрај неоформен, Андонов со ширината на својот дух ги прифатил во себе придобивките на новото време. Со школувањето во Киев, посетата на Москва, работата во Софија, потоа во Србија и влијанието на Света гора, преку контактите со искусните зографи и ерминиите, Андонов со сето стекнато искуство израснал во автентичен сликар со модернистички тенденции.

Влијанието на уметниците како што е Петар Николов со кого работел на фреско-живописувањето на црквата “Св. Јоаким Осоговски” (1885 и 1887) и Станислав Доспевски од Самоков – Бугарија. Подоцна и од српското и војводинското црковно сликарство. Ова придонело да се произнесе како уметник кој тежнеел да го осовремени ликовниот ракопис кој се практикувал на крајот од XIX век во Македонија.

Подоцнежно сликарство

Црковното сликарство, со кое природно започнала неговата уметничка кариера, на кое му останал верен речиси до крајот на својот творечки пат, не се плашел да го отргне од зададените стеги на доцновизнатиската уметност. Веќе во 1881-1883 година Андонов работи на осликување на живописот во црквата “Св. Атанасие” во с. Теово.  Овде можат да се воочат почетните напори да создаде своја “автохтона експресија”.

Работата со зографот Петар Николов на живописување на црквата “Св Јоаким Осоговски” (1885 и 1887) за него е корисно искуство, каде можел да го осознае традиционалниот зографски стил. Неговите тежненија за “оплеменување” на ликовите или внесување на иконографски новини (импресии од Русија), сепак биле контролирани од авторитетот на постарите зографи со кој Андонов работел на осликување на живописни ансамбли. Пример во црквата “Св. Димитрија” во Крива Паланка – 1887 година. Како и во  црквата “Св. Пантелејмон” во с. Пантелеј – 1888/1889 г.

Последните децении на XIX век се веќе зрела фаза од творештвото на Андонов каде преку креативна работа успеал своите тенденции да ги преточи во афирмирање на “европските” придобивки. Ова време го одбележува делумното живописување на западната фасада на големата и малата црква (“Раѓање на Богородица”) во манастирскиот комплекс “Свети Јоаким Осоговски”.

На самиот почеток на XX век, Андонов работи на живописувањето на црквите “Св. Никола” и “Св. Ѓорѓи” во с. Станишор во близина на Гнилане (1901-1903). Таму неговото сликарство ќе биде подложно на влијанието од српската уметност и иконографија.
Во 1932/33 година тој повторно се навраќа на живописување во наосот на црквата “Св. Јоаким Осоговски” каде не дава новини, туку напротив, се навраќа на средновековните модели. Андонов во големата црква во Осоговскиот Манастир за последен пат работи во 1944/45 година. Таму ги завршува празните полиња во наосот, но без младешката енергија не успева да го задржи својот квалитет.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?