Литература Македонски автори Расказ

Храбрата Естреја – Маја Малиновска

 „Да живее Југославија! Долу Влада! Сакаме пакт со Русија! Сакаме пакт со Америка!“ – се слушаше низ улиците на големиот град.

 Естреја конечно успеа да излези од малата бездушна соба која немаше светлина за да се упати кон плоштадот каде сите веќе излегле на улица. Ги повика сите членови на работничката група на чиешто чело беше веќе подолг период одејќи од куќа до куќа без никаков страв дека ќе ја види полицијата.

Не се плашеше за својот живот и  она што го посакуваше  е само слобода, правда и мир во нејзината и душите на нејзините пријатели.

„Ова ќе биде државен удар“ – викаше разлутената топла која не можеше да се помири со договорот потпишан неколку дена во Виена со силите на Оската.

Естреја викаше на целиот глас и не спиеше цела вечер возбудена од настаните. Никој не можеше да претпостави  дека за неколку дена Белград ќе биде нападнат.

Таа ноќ ја почувствува омразата во жилите. Се криеше под креветот тресејќи се како лозов лист на силен ветер и се спаси од залутаните парчиња на скршените прозорци кои се тресеа на силата на бомбите. За само неколку дена Југославија капитулира и веќе на тринаесети април беше најавено дека ќе се прави регистрација на сите Евреи во државата. Таа знаеше дека мора веднаш да се врати дома, во Битола.

„Којзнае што се случува со мајка и сестрите, морам да се вратам дома “ – си помисли. Утрината го фати возот без да се прости од никој зошто немаше време и имаше среќа да избега од војниците кои маршираа околу железничката станица.

Кога дома каде ја очекуваше страотна атмосфера. Мајка ѝ беше болна и двете сестри помагаа во домот.  Сите се плашеа за својот живот и не веруваа во лошата судбина која ги снајде.

„Естреја, успеа да дојдеш, во ова време невреме, се спаси!“  – прошепоти мајка ѝ.

Естреја ја погледна мајка си и можеше да ја види целата горчина на светот во нејзините очи. Уморна вдовица која работеше само за своите деца. Мораше да го дигне својот глас, гласот на слободата и гласот на оние кои работеа за корка леб во дворовите на богатите.

Си вети дека ќе се приклучи на Комунистичката партија. Сакаше да се бори во името на народот, сакаше да биде слушнат нивниот глас. Ги виде лицата на револуционерите во Белград, сјаеја од желба за победа, сјаеја од желба за правдина и за ново утро.

Војната само што беше започнала и Естреја не ни помислуваше каква страшна судбина ќе има нејзинот народ.

„Да, колку сум само среќна што се вратив, што ве гледам. Не знам ни дали го добивте писмото што ви го пратив пред да дојдам навака. “

„Ништо нема, надвор е војна, какво писмо? Ние не знаевме дали си жива и сега еве ни дојде душата, сега сме заедно. “

„Го виде ли натписот? “

„Каков натпис? “

„Ах, не го виде. Ноќе е, не се гледа. Натписот ставен на нашата куќа. Секоја еврејска куќа е обележана. Пишува дека е забранет влез во куќава. Обележани сме. Никој не знае што ќе се случи со нас. “

„Толку многу се зборуваше за нападот на Полска, за започнување на оваа проклета војна, но кој да верува? “

„Да, ова личи на еден страшен сон, од кој не знам дали ќе се разбудиме. “

„Не знам за вас, но јас сум решена да се борам, да се борам на сите полиња. Но, сега пред се морам да најдам некоја работа, било што. “

„Сега се тешки времиња Естреја. Можеш да ми помагаш ако сакаш како што тоа го правеше порано. “

„Да, ќе доаѓам со тебе од утре, да помагам колку можам и ако може да најдам некоја работа кај други луѓе, ќе видиме. “

„Добро, оди да спиеш, уморна си. Треба да станеме рано да одиме кај Палашевци наутро.“

Естреја не можеше да спие цела ноќ. Повеќе мислеше на мајка си која беше болна, но мораше да работи за да ги прехрани децата. За среќа, таа дојде и сега за сите ќе биде полесно, ќе имаат уште една рака која ќе им помага.

Градот беше станал чуден, луѓето одеа со наведнати глави и го немаше џагорот кој постојано се слушаше. Можеше да се движи само по одредени улици и се плашеше да ги погледне своите сограѓани во очи.

Во тој момент сфати дека животот значи жртва и дека ќе мора ако треба и да го жртвува сопствениот да го спаси човекот, да го спаси човечкиот род.

Да го најде џагорот на улиците, да го најде блескотот на погледот во очите на луѓето.

Со таа замисла, го започна животот во вечноста. Oстана да биде запаметена по својата решителност и храброст која не ја напушти ни до последниот момент. Дали можеби веруваше дека ќе ја дочека слободата, онаа слобода која ѝ делуваше толку далечна во тој момент? Или можеби срцето и трепереше но не сакаше да го покаже стравот од кој и чукаше срцето?

Љубовта беше поголема од сé, љубовта кон својот народ, кон својата татковина.  Реши да се бори со непријателот и се впушти во битка каде го изгуби својот живот, но остана да биде вечна водилка за сите нас кои цврсто веруваме во слободата и жртвата за подобро утре на другите и на ова парче грутка земја во која живееме.

 

Малиновска Маја

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје