Го погледнувам и последното светло како се гаси додека си припремам греано вино. Сите се странци во ноќта. Мирисот на кора од портокал ме буди и наеднаш помислувам дека сите мириси се убави. Не знам дали некогаш некој мирис ми оставил грдотија на душава. Дури и оние неубавите се опојни, ја опипават душава со грдата убавина која ме горчи и буди во ист миг.
Којзнае дали вечерва го носиш оној парфем со мента и амбра со кој го опи моево срце. Ах, колку посакувам да те помирисам само малку во моментов да со опијам од таа убавина, виново да го оставам и да се впуштам во твоите прегратки за да се стоплам .
Но, тебе те нема и вкусувам вино. Со вкус на портокал. Засладено како шеќер кој се прегреал од љубов.
Печката пламти и го стоплува срцево оладено од твојот мраз. Виното се надополнува на огнот и топло ми е иако е зима. Дали твоето срце пламти како некогаш? Дали можеби се сеќаваш на тој проклет ден кога ти кажав дека твојот мирис ме опи? Не знам дали беше твојот мирис на недопрено искуство или лажна наивност? Мислам дека беше мирисот на мента која и сега ме лути, ме пржи во срцево…тоа не е топлина, тоа е жар кој опива..
Топлината ми ја дава виново ми ја затоплува душава, но не може да ја зажари и да ја опие. Пијам и мирисам портокал.
Ментата и амбрата лебдат во воздухот. Треба само малку за да пристигнат до мене. Само еден твој чекор. Но, се чини чекор кој трае еден век. Ќе се јавиш ли или да те чекам уште неколку векови? Уште колку ли животи да те чекам?
Маја Малиновска
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.