Секој ден во своето тевтерче ги запишуваше најубавите тајни, за да не ги заборави најубавите мигови. Рече дека сè што е убаво, ќе биде уште поубаво ако е таинствено.
Затоа пишуваше туткаше, криеше… зборовите ги криеше и од себе си. Мастилото немо врвеше по листот накалапен како тутун, одамна нанижан од тајни зборови, мирно чекајќи чад да се стори. Но имаше денови кога беше јавнат од грд умор кој му беснееше на плеќи и сакаше да му го скроти духот, за да го напушти волјата за спас на сè што е убаво. Како да ѝ се радува на вистината ако е скриена? Ако некој намерно ве лаже за да ве уништи, вистината ќе ви ја прикаже како лага. Вети си себеси дека секогаш ќе ја запишуваш тајната во вистината форма ..
– Но тоа е глупаво ветување …си рече – затоа што знаеше дека за да напише убави тајни не е потребна вистина. И сè си има свое време, време кога се собираат спомени, време кога се раскажуваат, време кога се кажува вистина, време кога се крие, време кога се откриваат мрачни тајни (како предупредување ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО ЗЛОБА). Време кога се кријаат со запишување во тевтерчето. Време кога ни се урива светот, време кога се гради. И каква корист од напишаното ако никој не го прочита? Тоа ќе остане најголема тајна во правливото тефтерче кое не е повеќе негово.
Николина Ќорвезироска