Како бело вино ти во мене течеш – Благица Ангеловска

Во ноќта што се бранува тивко, полека

над заспаното езерско платно

со пламени од месечината позлатено,

во пробудениот шумен бран

небаре гласот твој го слушам

и желбата в градиве ми ја разгоре

очите небесни да ти ги видам,

чашата од стаклени кристали

со жедниве очи ја погледнувам,

ликот твој во виното бело го пронаоѓам.

Во ноќта со месечевина што капе,

последната капка бело вино

со мирис на слаткоопоен бозел

и вмрежени копнежи ја испивам,

до недоглед, бескрајно те посакувам,

дури нектарот од зелен босилек и темјан

длабините на душава ми ги измива,

љубовта моја кон тебе

без простор и време расцутува,

да се сторат градиве градина расцветана,

та да е во душава пролет распеана.

Во ноќта со зимски снежни студови

секоја капка вино грлово ми го гали

и телото ми го покрива со топлини

од слатките ноти мирисни,

зашто во мисливе тие тебе те канат

секогаш кога ти крај мене не си,

така во крвта ти во мене течеш

како белото вино со исцедени темјани,

незасрамен сведок на љубовен воздив,

најсладок напој божествен

од златнозелен божилак наточен,

во долгите ноќи со ѕвездени навези

љубовта што ни ја храни

и в занес ги опива срцата поврзани.

Благица Ангеловска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?