Рапсодија за Виното – СП Апостол

Вистина ли во виното е вистината

Или само така зборуваат поразените од него,

Нападни го непцето ти стар пријателу за да се увериме, знам

Одлежано си во шише за да ми бидеш поблиску до очите, но

Талог не дозволив да остане во тебе и

Од филоксерата ко рожницата ја чував родилката твоја.

 

Колку ли си даровно за поетот и неговото чедо

Амнестирани рими и стихови кои не би биле песна без тебе,

Колони на мисли му доаѓаат и проаѓаат додека

Од капките твои тој синџир на поезија твори.

 

Блажено си од кога Исус од вода те претвори

Од Новиот Завет повеќе не си крв туку пак вино зажарено,

Жртвен плод од кој секоја голтка потсеќа на Спасителот,

Елегија си во миговите кога те вкусувам со мирис на покајание,

Сонувам да те имам пак на Небесата, во

Тие предели каде често на харфите и палмовите гранчиња

Вино ќе им недостасува, вино без трпение дегустирано,

Еликсир што се нарекува за вечноста да ја освои, и уште

Нектар за гревови простени, заборавени во бесмртноста.

 

Не сум секогаш навикнат на мојата самотија и твоето присуство,

Анатема како сатаната да фрлил на нашето општење,

Порок ли си за мене или друшка која ја побарав,

Ибрик кој ја гаси жедта и отвора нова поупорна,

Товар си невообичаен кој тежи во слепоочниците,

Од тебе ми е поубаво или безгранично ми недостигаш, но

Како и да е, не ја оставај масата празна само со мене.

 

Инспирација си и не ми го одземај духот на минатото во кое си престојувало.

 

Сечија си утеха, не само на мрморливите и песнопојците,

Оди допри го срцето да заборави што го јадосува,

Вените што те носат нека ја хранат болната душа од која

Ронки само останале што ни птиците не ги ни колвнуваат.

Штета за една таква посебност као мене: ангел или човек,

Евалуирам во очите на животот кој ме лаже дека напредувам,

Но, со твоите убедувања не го признавам неговото оценување бидејќи си

Аберџија за новите мои иднини.

 

И розе си или вранец кој ита то патишта непроодни, пусти,

На Марков манастир си молитва повисоко од тој Пегаз,

Сортно или не на кого му е гајле додека ме опива,

Пенливо ко водопад кој не завршува на дното каде му е почетокот.

Идеална творевина со мирис на темјан кој ослободува,

Роса канина или кале никогаш неосвоено,

Аерирано, проветрено, суво со арома,

Црвено во визбата во дабова своина со долга лежарина,

Интензивно, камено, компактно и се така како и луѓето.

Јасна претстава за напитокот кој се разулавил во својата беседа,

А нема ниту лична карта со фотографија избледена.

СП Апостол

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?