Писмо до баба – Зринк

Ноќта е тивка како музиката на тревата што расте во долината на вечната љубов. Го гледам  другото лице на темнината, вистинското. Има очи со боја на месечина. Ми пее приспивна. Заспиј, сонувај небо, ѕвезди, љубов….летај. Допир со едното, есенцијалното. На брод од светлина пловам. ОСТАНИ ДОМА.

Пролетно утро  го  слика денот на платното на животот. По дождот сонце. Крошната на дрвото има фустан со зелено бел дезен. Видикот се радува. Тука сум­. Инспиративна, инстинктивно земам бел лист хартија, пенкалото во рака и пишувам.

                                                                                                                Писмо до баба

Сакана моја бабичке. Никогаш до сега не сум ти напишала писмо. Време му е, ќе речеше ти. Знам дека ти умееш да ме слушаш и ќе ме разбереш. „Каде отиде светот сине?“, ќе се запрашаше ти. Отиде многу далеку бабо, отиде уџум. Го нарекоа со туѓи имиња бабо, корона и карантин. Едното е чудна болест, другото е самотија бабо. Почнавме да лудееме бабо. Трчаме да зграбиме сè што ќе дофатиме. Наше да е. Газиме по непознати меѓи со егоизам кој ни свети од очите. Дојде време бабо кога од многу знаење се изгубивме. Се сетив на една твоја реченица. Ти секогаш оди си по правиот пат. Во право си била бабо. Патот е еден, земјата е една и секој од нас е единствен.

Пролет е бабо. Црешите расцутеа. Мириса на живот бабо. Понеделник е. Не одам на работа. Излегувам во дворот. Сонцето ми ги подава рацете, ме милува по образите. Одамна го немам ова почувствувано бабо. Знаеш од денот кога и тато си замина. ОСТАНИ ДОМА. Го слушам тој глас кој ми ја краде слободата. Не успева и денес. Посакувам да бидам птица бела, лекокрила. Летам, летам бабо. На запад, на исток, а таму моите ангели ме чекаат.

ОСТАНИ ДОМА ми наредува непознатиот глас. А знае ли дека мојот дом е оаза на убав збор ,на топлина во душа, на добра мисла? Мојот дом есмеа и солзи, радост и тага. Мојот дом има име бабо. Се вика љубов.

Кога седевме бабо во нашиот голем, камен двор, под големата крошна на петровката јаболкница, поимот време беше ирелевантен. Спокој имавме бабо, благодат во душата. Ова сакав да ти го кажам  бабичке кога ми рекоа остани дома знаеч што констатирав. Времето не постои, не се мери. Нема беше, нема ќе само сега. Неповторливо е. Ги затворам очите и го слушам моето ритмичко вдишување живот, издишување живот. Мислата не бара ништо повеќе. Го добила своето изгубено спокојство. ОСТАНИ ДОМА, ОСТАНИ ОСТАНИ.

Бабо се сетив. Имавме жолта мачка дома. Нејзиното мило и тивко предење покрај огништето ни даваше мир и спокојство..До мене сега на мекиот јорган син како море нашето маче плови во сладок сон. Го милувам. На усните ми заигрува задоволна насмевка. Овaа мала душа ме опсипува со чиста љубов. Мирисот на испечената штрудла со јаболка и цимет господари во собата.

ОСТАНИ ДОМА во право си да знаеш.Дома ми е најубаво! Сè е круг бабо, сè тече, сè се менува а ние исти. Сè е круг бабо без почеток и крај. Никогаш досега ти немам кажано. Те сакам бабо моја! Од што се исплашивме мили мои?  Стравот е најголем кога се плашиме од невидливото. Така ли беше бабо? Тогаш имагинацијата е различна за секој од нас.С екој е свој креатор. Замисли бабо.

Стравот ни се нуди бесплатно. Секое утро ни го послужуваат во кревет, на пластичен послужавник со кафе во кое има пелин. За ручек јагленосан двопек со пресолена супа, декорирано со страв и неизвесност. За вечера немаш апетит, душата те пече. Се преиспитуваш, до тебе ли е? Вината твоја ли е? Стравот денот ти го истетовирал. Си го гледаш телото. Ти си истиот Уф! Утре е нов ден, се надеваш никој нема ништо да ти нуди. А ти нема никогаш повеќе да бидеш нечиј консумент Никогаш. Ти си бабо мојот херој! И јас ќе бидам, ти ветувам! ОСТАНИ ДОМА ОСТАНИ…..

Следниот ден ми беше песна на дождот, мелодија а нема кој да игра. Ќе се изедеме како канибали, не знаејќи зошто. Сити, пресити, аздисани!Ни фали само малку ум и доблест. Смирна, смирано дајте. Правата ескалира, скока и ме удира по душата, по срцето. А нема каде! Има, но како? Небото ми е многу далеку. Морето ми се сокрило во пустината. Патот заминал на заслужен одмор. Да чекорам сакам, да одам, да трчам, да летам бабо! Слободата да ја прегрнам а можам ли? ОСТАНИ ДОМАААА

Ми недостигаш бабо. Да вистина е. Дошло и тоа време кога сум сама, празна. Посакувам да ме седнеш во скутот, да ги почувствувам твоите дланки што имаа мирис на суво нане. Кога снегот ќе загосподареше со нашето мало гратче во долгите ноќи ти ми беше секогаш тука. Приказните ти беа како најубава музика тивки, сетни. Умееше и да не насмееш. Ни се радуваше затоа што имаше две гулапчиња во прегратка кои со љубов те слушаа.

Те гледам седната до огништето. Умешно и трпеливо ни плетеш волнени чорапи бабо! Топлина бабо, топлина барам сега и една убава приказна да ми раскажеш, да побегнам од оваа сегашнава! Бабо моја Спасена Остани, останииии.

        Псевдоним: Зринка

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?