Занимливости и информации Литература Странски автори Факти

Која била Беатриче, музата на Данте?

Којa е Беатриче? Беатриче била главната инспирација за збирката песни Нов Живот (Vita Nuova) на Данте Алигиери и најчесто се поистоветува со Беатриче, кој се појавува како еден од неговите водичи во неговото ремек-дело La Divina Commedia (Божествената комедија).

Дали Беатриче навистина постоела?

Животот на оваа славна девојка е обвиткан со мистерија. Многу историчари не се сигурни во тоа дека девојката која го води Данте на само чекор oд средба со Бога во „Божествената комедија“ е истата Беатриче Портинари, која живеела во Фиренца. Научниците долго време дебатирале дали историската Беатриче може да  се идентификува со било која или и со двете Беатричи кои се дел од делата на Данте. Приказната што ја идентификува Биче ди Фолко Портинари како Беатриче која ја сакал Данте, сега е широко прифатена од научниците, иако не од сите.

Биографија на Беатриче Портинари

Беатриче била ќерка на Фолко Портинари, банкар и еден од господарите на Фиренца во 1282 година. Портинари, семејство кое потекнувало од Фиесоле, живеело во Фиренца, во близина на куќата на Данте, лоцирана во стариот град Фиренца; која денес, се наоѓа на Виа дел Корсо.

Фолко Портинари имал шест ќерки. Беатриче била омажена за извесен Симоне де Барди, еден од највлијателните мажи во градот. Починала три години после венчавката во 1290 година, на  само дваесет и четири години. Со оглед на тоа што датумите и локациите на оваа реконструкција се совпаѓаат со она што Данте го пишува во неговата збирка сонети Нов Живот (Vita Nuova), оваа девојка е најверојатно Беатриче Портинари.

Прв  кој јавно зборувал за оваа млада жена бил Бокачо во неговиот коментар за Божествената комедија. Посебни документи за нејзиниот живот отсекогаш биле оскудни, поради што некои се сомневаат во нејзиното реално постоење.

Единствениот цврст доказ е тестаментот на Фолко Портинари од 1287 година, во кој се вели „..item d. Bici filie sue et uxoris d. Religite Simonis del Bardis lib, lib.50 ad floren– во суштина, овде зборува за наследство за неговата ќерка, која била омажена за Симоне деи Барди.

Беатриче и Данте

Беатриче била вистинската љубов на Данте. Во својата збирка Нов Живот (Vita Nuova), Данте открива дека ја видел Беатриче за прв пат кога татко му го однел во куќата во Портинари на првомајска забава. Биле само деца: тој имал девет години, а таа осум. Данте бил веднаш обземен од неа и никогаш не ја заборавил по оваа средба иако се оженил со друга жена, Џема Донати, во 1285 година, со која имал три сина и една ќерка.

Според кажувањата, Данте и Беатриче биле соседи и надвор од ѕидовите на Фиренца – близу ридот Фиесоле, каде семејствата Портинари и Алигиери имале две соседни летни вили. По се изгледа Данте и Беатриче се сретнувале како деца таму.

Повторно ја сретнал девет години подоцна сосема неочекувано: Беатриче шетала облечена во бело  во придружба на две постари жени на улицата Лунгарно (една од улиците во Фиренца покрај реката Арно). Таа се свртела и го поздравила.

Данте добро ја запомнил средбата, но избега без да каже ниту еден збор. Нејзиниот поздрав толку многу го израдувал што тој се повлекол во својата соба и долго размислувал за неа. Заспал и сонувал за темата на првиот сонет во Нов Живот Vita Nuova).

После тоа, имало  само уште две кратки средби помеѓу двајцата: една во црквата Santa Margherita dei Cerchi и една на свадбена веселба.

Влијание врз работата на Данте

Влијанието на Беатриче е далеку од само една обична инспирација. Таа се појавила  како лик во неговите две најголеми дела: Нов живот и Божествената комедија. По смртта на Беатриче, Данте се повлекол интензивно да учи и започнал да компонира песни посветени на неа и на она што се сеќавал за неа. 

Збирката песни, заедно со другите што претходно ги напишал во свохот дневник со голема почит кон Беатриче, стана Нов Живот (Vita Nuova), лирско прозно дело проткаено со поезија. Данте ги опишува своите состаноци со неа, ги фали нејзината убавина и добрина, ги опишува неговите интензивни реакции на нејзината љубезност или недостаток од нив, раскажува за настаните во двата нивни животи и ја објаснува природата на неговите чувства кон неа.

Нов Живот (Vita Nuova) раскажува и за денот кога Данте бил известен за нејзината смрт и содржи неколку тажни песни напишани за тој настан. Во последното поглавје, Данте ветува дека нема да напише ништо повеќе за Беатриче сè додека не напише „за неа што претходно не било напишано за ниту една жена“.

Божествена комедија

Ветувањето е исполнето во епската поема „Божествена комедија“, која тој ја компонирал многу подоцна во својот живот. Во таа поема, тој ја изразува својата возвишена и духовна љубов кон Беатриче, која е негов застапник во Пеколот, неговата цел да патува низ Чистилиште и неговиот водич низ Рајот.

Беатриче за првпат се обраќа на Данте, во Пеење 2 од Дантеовиот пекол: таа се спушта во предворјето на Пеколот и се моли поетот Виргилиј да го спаси Данте.

Потоа повторно се појавува во Пеење 30 од Чистилиште, кога Виргилиј исчезнува.

Кога ја гледа за првпат во Чистилиште, тој е обземен од неа како и на деветгодишна возраст и е заслепен од нејзиното присуство во текот на целиот пат додека не се искачи повторно на своето место во рајот, точката која е најблизу до Бога до која е дозволено да се стигне. Овој израз на сублимирана и спиритуализирана љубов завршува со целосната апсорпција на Данте во божествената. Нивната последна средба е поставена меѓу блажените во Рајот на крајот од нивното патување во задгробниот живот.

Денес, знаеме дека љубовта на Данте кон Беатриче била вистинска. Таа претставувала идеал за убавина и грациозност, но беше и реална жена. Беатриче му се појавила на Данте како жена / ангел што го води низ Рајот, но исто така остана вистинска жена која го расчукала неговото срце по улиците на Фиренца.

Прочитајте и  Што рекол Стендал за љубовта?

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје