Душа во ореова лушпа – Софи Индовино

Во ореовата лушпа ќе ја најдеш душата.

Стисната мегу контурите на страста, разбранувана во ограниченоста на мирот и
неограниченоста на постоењето.

До совршенство ускладена во сите агли на немирот и во вечен стремеж кон копнежот.

Душата е јатка.

Погледни ја .

Од сите страни добри разгледај ја.

Како мозочни хемисфери, како неспознаена божја мудрост во наброите на белата маса.

Заличува и на пеперуга, туку што метаморфозирана, испилена.

И друга спроти неа како симбол на балансот и дуалноста.

 

Ќе бидеш ли мојот простор за вкусување слобода.

Јатка како еликсир на младоста,

афродизијак за живот во староста.

 

Поседуваш ли вештина во душата,

со голи раце да ја скршиш лушпата.

Да остане цела недопрена.

Вештина се вика тоа,

мајсторство за душа.

Ќе ти треба нежност да го скршиш инаетот и тврдоглавоста.

Трпение наспроти развртноста и подлоста.

Разбирање за неразбраното.

Смирение за немирот и јадот.

Тоа е спасение за душата.

Твојата и онаа другата која се обидуваш да ја ослободиш од лушпата,

згмечена во тврдокорното на егото.

Софи Индовино

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?