Литература Проза

Им благодарам – Наталија Наумовска

Блгодарен човек по природа како мене секојдневно изнаоѓа начини и причини да биде благодарен за нешто. Еве кому упатувам денес благодарности.

Им благодарам на сите што некогаш ми упатиле негативен коментар. Ми го трасираа патот кон себесакањето.

Им благодарам на сите што ми рекоа “не можеш“. Ме натераа да бидам уште посмела.

Им благодарам на сите што не веруваа во мене – така јас научив да верувам во себе уште посилно.

Им благодарам на сите што лажно аплаудираа на моите успеси. Ми помогнаа да селектирам со кого ќе споделувам убави вести.

Им благодарам на сите што влегоа во мојот живот, а после тоа сами излегоа. Им покажав дека вратата е отворена и за влез и излез, си докажав дека никој со сила не можеш никаде да задржиш.

Им благодарам на сите што зборувале зад мојот грб. Само докажале дека моето влијание врз нив е поголемо отколку што можат да замислат.

Им благодарам на сите кои пробале да ме навредат. Ми помогнаа само да си го дигнам ѕидот уште повисоко.

Им благодарам на сите работодавачи што не ми дале шанса . Така само ми помогнаа да си го ценам својот труд уште повеќе и да се пронајдам подобро на професионално поле.

Им благодарам на сите “затворени врати“ бидејќи после нив многу нови се отвориле.

Им благодарам на сите дождливи денови во кои не сум била своја . Ме научија да ги ценам сончевите денови уште повеќе.

Им благодарам на сите кои ми направиле добро и без да знам. Добрината се враќа во уште поголеми количини кога нема да ја очекувате.

Им благодарам на сите што ми помогнале на било каков начин. Ме направија уште поблагодарна и ме поттикнаа уште повеќе да помагам онаму каде што можам.

Благодарна сум за секоја животна лекција што сама сум ја научила (некогаш на потежок пат).

Неизмерно сум благодарна за она што сум сега, за борбениот дух и снагата која извира од мене, дури и кога мислам дека ја немам.

Благодарна сум за секој нов ден исполнет со нови шанси.

Благодарна сум им на моите најблиски и најблиските пријатели и соработници што се со мене.

Благодарна сум што имам шанса да креирам во 21. век, во оваа дигитална ера кога технологијата ни овозможува да бидеме блиску, а истовреметно нè оддалечува едни од други.

Благодарна сум што можам да се изразувам преку пишаниот збор. Уште поблагодарна што моите мисли и пишани творби можат да стигнат до секој.

Долга е листата на благодарности, денеска ќе се задржам до овде.

Да бидеме благодарни едноставно за тоа што сме, за тоа што постоиме и имаме можност да го креираме сопствениот живот по наша мера.

Наталија Наумовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје