Што значи претераното размислување и дали сте склони кон истото?

Претераното размислување (на англиски overthinking) често се јавува во склоп на анксиозни нарушувања и депресивни состојби. Тоа може да биде и составен дел од нездравите чувства како што се вина, бес, љубомора. Претераното размислување само по себе може да води кон развивање и одржување на истите непријатни емоции.

Не е реткост особата која е склона кон оваа појава да има уверување дека тоа е всушност, добар начин да се согледаат нештата од повеќе агли т.е. да се подготови за соочување со потенцијалните негативни исходи. Сепак ова не е баш така. Исходот е таков што ништо од она за коешто сте се “подготвувале“ не се обвистинува, а вложена била многу енергија, време, ментална и физичка сила во тоа.

Важно е да се прави разлика помеѓу решавање проблеми и претерано размислување. Решавањето проблеми подразбира да се согледаат предностите и мааните на можните опции т.е врз нивна основа да се донесе најдобра одлука. Претераното размислување, од друга страна често се базира на нештата кои не се под ваша контрола. Односно со самото тоа и не доведува до конечни решенија и апсолутни заклучоци.

Иако можеби на решавањето проблеми сте посветиле 10 часа, а претераното размислување од 10 минути – тоа е попроблематично бидејќи не ви дава никакви одговори.

Коренот на претераното размислување може да лежи во нездравиот перфекционизам поради кој особата себеси си поставува нереални цели, не си дозволува себеси некаква грешка, а потенцијалните грешки ги доживува како неподносливи, недопустливи. Резултат од тоа е претераното размислување за тоа како целите да се остварат без грешки, одглавање превземање чекори кон целта бидејќи така се одлага и можната непријатност, а ако грешката се случи – на сила стапува претераната самокритика.

Цело време додека премногу сте размислувале и анализирање, вашата анксиозност, вина, бес и слично биле покачени. Во одредени моменти веројатно и преплавувачки. Можеби поради тоа сте развиле несоница, не сте биле продуктивни во учењето или на работа. Со тоа сте запоставувале и многубројни обврски. Затоа претераното размислување се смета за проблем.

Не значи дека особите кои не се склони кон оваа појава дека немаат капацитет да ги забележуваат потенцијалните опасности. Напротив – кога во истите се наоѓаат и оние кои развиваат стратегии кои во дадената ситуација ќе бидат корисни, целисходни и рационални.

Што може да укажува на тоа дека го имате овој проблем?

1. Одново оживување моменти од минатото кога сте се чувствувале потиштено, посрамотено, повредено, понижено и слично.
2. Имате потешкотии при заспивање бидејќи се чувствувате како да не можете да го исклучите својот мозок.
3. Имате премногу “што ако“ прашања за кои не постојат одговори
4. Премногу го аналзирате однесувањето на другите луѓе т.е. дали некои нивни зборови или постапки имаат скриени значења
5. Премногу се занимавате со нештата кои сте можеле да ги кажете или направите во одредени ситуации, а не сте ги кажале/направиле
6. Постојано ги анализирате своите грешки обвинувајќи се себе, а не се фокусирате на нивното решавање или на тоа како да не ги направите повторно.
7. Не сте спонтани, сакате секогаш и за сè да бидете добро подгтовени, сè добро да промислите, осмислите, детално испланирате.
8. Претерано се грижите околу нештата кои не зависат исклучиво од вас или кои воопшто не се под ваша контрола
9. Постојано сте во своите мисли па пропуштате да бидете присутни во сегашниот момент.
10. Си скратувате себеси многу активности бидејќи со “детална анализа“ сте дошле до заклучокот дека нешто ќе тргне наопаку.
11. Склони сте кон самокритика. Никогаш не сте во целост задоволни со својот изглед, своето однесување, со тоа како се чувствувате, со својот ефект на работа/факултет и слично.
12. Донесување и најбанални одлуки за вас претставува напор бидејќи премногу ја анализирате секоја опција. Како и можните последици од “погрешниот избор“.

Можеме да заклучиме дека вас претераното размислување дефинитивно нема да ве заштити од многуте негативни исходи од одредени ситуации, од неизвесности и ризици. Од друга страна значајно може да се одрази врз квалитетот на вашиот живот, да ви скрати многубројни исксутва и спонтаност.

Дали сте се нашле во ситуација каде што премногу размислувате? На кој начин го стопирате? Пишете во коментар како вие се справувате со ова, споделете го своето искуство.

Прочитајте и какви психички последици остава сексуалното злоставување кај жртвата.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?