Научив нов збор денеска,
барајќи низ сите можни јазици да ги објаснам чувствава,
Анагапеза.
Штом прочитав ме здоболе душава.
Анагапеза ли е тоа што ми е в гради кога ќе те споменат?
Анагапеза ли е тоа што ми стои како на ранет крв в грло кога ќе те повредат?
Анагапеза.
Отсуство на љубовта што некогаш се чувствувала.
Анагапеза
рамнодушност на кожа што некогаш нежно се бакнувала.
Не ја разбирам оваа ситуација
иако анагапеза ми е во умот,
агапе ми е во душата,
и штом зинам, лажам,
и штом пробувам дел од себе да откинам, умирам и илјада зборови имам а не можам да ги кажам.
Анагапеза.
Ти значи ли нешто зборов,
или ко од Агапе ќе бегаш од него ко од отров?
Анагапеза.
Извикувам без усни да отворам во темнината,
студена е измеѓу нас далечината,
но исто ко да не постои,
Анагапеза,
ми прави триста проблеми.
Научив нов збор денеска,
Не ги објасни чувствава,
сега,
сѐ живо чувствувам освен анагапеза.
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.