За темите – Анастасија Лефкоска

Штом загризам на некоја тема, не пуштам. Крвава битка е. Таква сум. Обожувам да распарчувам и составам и зборувам и зборувам и зборувам сѐ додека не дојдам до коренот. До она од кое што сѐ започнало. Штом отворам или ми сѐ отвори тема блиску до срцето ја гледам од сите можни страни и верзии. Ги гледам сите историски измени, затскривања, “белења”, убиства на карактери, на личности и од нив потоа правени карикатури само затоа што не се допаѓаат некому.

Никогаш не го сакав предметот Историја, ама зошто? Зошто е изменета, зошто е продупчена, прекроена и изгужвана. Години фалат, датуми се редат ко апотекарски шишиња, малцинства се бришат, дела се крадат, па дури и цели земјишта и градови се рамнат само за да одговараат на нечиј наратив. Каде се жените – уметници? Сакате да кажете дека пред шеесетите немало? Не верувам. Каде се сите оние изгинати борци, херои и хероини што се издигнале против неправдите? Оние што први ја фрлиле чашката во огледалото? Ги нема. Ниту во цифрите ги нема. До толку е зезнато.

Што правиме со Александар и Хефестион? А, не одговара, нели? Бриши. Што правиме со жените поети? Не се вклопуваат, нели? Бриши. Што правиме со паганските темели на кои се базирани денешните религии, со деловите од гностичките Библии, со верзијата на Марија Магдалена? Не одговара, нели? Всушност, каде е таа по сите случувања? Избришана. Исфрлена. Заборавена. Зошто? Зошто не одговара на наративот, на приказната која во глобала може да застане и во четири збора: “Љуби и не суди.”.    Затоа не сакам да отворам теми, зошто ако ги отворам им нема крај на кулите што ќе се срушат, на мостовите што ќе изгорат. Зошто таква сум. Штом загризам на некоја тема, не пуштам. Крвава битка е и болна и големи се шансите на крај да прерасне во војна.

А тука прочитајте за сѐ што треба да ги научите децата. 

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?