Планински чај

Секој зимски ден си правеше планински чај. Го пиеше како изворот на селската чешма која секое лето ја освежуваше како дете. Топлина и студ во исто време. Врел чај во зима и ладен извор во лете. Зарем има нешто поубаво?

Толку често го пиеше што сите нејзини гости почнаа да го пијат. Ако некој побараше кафе, таа носеше чај. Велеше дека мора да ја носиме планината во себе, чајот е извор на чистината која доаѓа од планините. Кафето носи горчина која ни влегува во крвта и никој не може да ја исчисти.

Сите дознаа за оваа чудна навика. Ги привлече навиката на пиење чај.

Целиот град се навлече на оваа прекрасна течност. Насекаде никнуваа чајџилници и никој веќе не го сакаше мирисот на кафето. За овој чај се веруваше дека е лек. Лек за секакви вируси и настинки. За градни болки и љубовни маки. Навистина, целиот град беше спасен.

Но, еден ден,толку мрачен како црнилото на кафето, неа ја снема.  Никој не знаеше каде е. Дали можеби се преселила во друг град или на некое друго место, посветло и почисто од нејзиниот чај.

Сите се прашуваа додека пиеја од планинскиот чај во чајџилниците во градот. Останаа без одговор. Дури и се прашуваа дали навистина постоела. Можеби само наслушнале дека некој некаде пиел чај. Можеби во некоја друга земја. Далечна. Кина, или можеби Индија.

Но, си ветија дека мора и  понатаму да го пијат, зошто тој е оној што ќе ги спои со неа. Со планината, со чистината и животот. Со далечината на непознатите земји кои носат мудрост и просветление.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?