Пушти ги нека зборуваат – Марија Бакиевска

Премногу внимание обрнуваш. Повторно во исти лаги се заврзуваш. Одново во себе се затвораш. Новиот почеток го забораваш. Зар на секој нивни коментар ќе одговараш? И секојдневието од разни теми ќе го пропушташ! И силата во денот во тие шеми ли ќе ја вложуваш? Не плаши се. Опушти се. Смири се, врати се, на страна тргни се И кафе напиј се. И за новиот месец подготви се. Во воздишките свои предај се.

Од очекувањата туѓи премести се. И во промената вложи се. Да простиш не одбивај. На кантар ништо освен своето, не клавај. Извини од таа страна не барај. И на човечноста крај не ставај, туку гледај, испитувај и истражувај. Во срцето свое раскопај. Во душата своја засади сè што надеж не дава, отфрли сè што гнев бери. Изгори сè што врата затвора, исечи и околу мирот твој се расчисти. И најмалата трошка од одмаздата собери ја, таму во огнот изгорија!

И утрото со танцот на зраците да ти започни и ролетните на прозорот од твојот ветар да се разнишаат! Кога ќе застаниш пред огледало староста да не ја приметиш, затоа што слободата прва ќе ја видиш! Од годините на твоите цели да се водиш и низ овие бури како капетан да испловиш! Немој убавината внатрешна со ништо да ја замениш, хармонијата внатрешна со било што да ја згасниш! Како дете продолжи дете кое за својата територија ќе се избори! Со круна на главата победи!

Марија Бакиевска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?