Одев смирено, но сепак решително. Ходниците на замокот беа тивки, полуосветлени од факелите запалени наоколу. Низ долгите ходници се слушаше само тупкањето на моите чекори и превиткувањето на кожата на црните чизми. Качулката ме покриваше и сокриваше од слабата светлина, а мечот сокриен и потпрен на грбот ми даваше некоја си болна сатисфакција за она што ќе го направев. Шишенцето мастило ми тежеше во џебот, а перото го штитеше местото на лузната. Раната беше скоро заздравена. Не кривев веќе, не се превиткував при одење туку одев исправено.
Проклети предавници на круната на Гаиа. Проклети мажи желни за моќ, опиени од сјајот на златото и дијамантите. Се приближував до салата на бал. “Туп. Крц. Туп. Крц.” Чекорите одекнуваа. Застанав пред позлатените, импозантни порти. Голтнав, вдишав и со сета сила ги турнав. Крцкањето и чкрипењето го привлекоа вниманието на присутните, пијани будали. Куп благородни, стари мажи. Уште се сеќавам како плачеа и се тресеа пред Гаиа. Лигавици.
“Ах. Ти ли си девојката што ја испратија?” Гнасно се насмевна Долион, лажниот крал, некогаш најверниот советник на Гаиа. Нејзиниот убиец. За малку и мојот. “Извади ја качулката. Вака ко што гледам не си лоша.” Лигаво ми помина со погледот преку телото. “Момци.” Извика поминувајќи со раката преку пожолтената брада, смеејќи се со гнилите заби. “Ќе уживаме вечерва.” Гадотија. Стоев мирно, ги голтнав блутканиците што се бореа да ми излезат. Почна да ми приоѓа. Штом се доближи и му го почувствував ужасниот здив, го извадив мечот. Со него и качулката. Се зачуја извици на изненадување низ салата испреплеткани со хорор. Одлично.
“Мислеше дека сум мртва Долион, нели?“ Идиотите пробаа да ги подигнат мечевите ама беа толку пијани од виното и тревките во него што не можеа ниту чекор да направат. Очите на Долион се ококорија од страв. Баш онаков страв кога човек ќе ја погледне смртта во очите. “Немој. Немој молим те.” Молеше патетично ама знаеше дека нема милост за него. Се насмевнав, исто ко што тој се насмевна кога ми го фрли телото во океанот. Исто како што тој се насмевна кога го уништуваше кралството, кога го поганеше најсветото, кога ја предаде Гаиа која во него имаше безусловна доверба.
“Цркни Долион.” Го подигнав мечот и му го забив во стомакот. Еднаш. Двапати. Трипати. А потоа и со еден потег му ја одвоив главата од телото. Најозлогласениот силувач, “црниот крал” по година и пол беше мртов. Гаиа додека беше жива не знаеше. И јас не знаев. Сѐ додека не посведочив. Сѐ додека за малку не станав негова жртва. Фала му на свемирот за лажната смрт. За онесвестувањето и бледото лице. Фала му на свемирот за рибарите.
“Напред!” извикав.
И ко рој мравки се створи новата моја армија.
Гнидите на Долион ги исчистија.
Ја подигнав круната на Гаиа падната,
ја ставив на главата.
Околу мене стотици извици. “Кралот е мртов!
Да живее кралицата!”
Поради кого се пие “Планински чај”?
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.