Лов на вештерки – Анастасија Лефкоска

На први март пред точно 329 години во Американскиот град Салем започнува ловот на луѓе од луѓе, затскриен зад зборовите “Лов на вештерки”. По примерот на Салем и други градови според сопствените вкусови, политички и религиозни убедувања почнуваат сопствен лов и легално, во име на религијата, на државата ги убиваат сите оние кои не се вклопуваат.

21 – ви век сме. Денес има многу серии, филмови, документарци за Салем и ловот на вештерки, ама мислам дека сѐ уште не разбираме многу работи.

Не гореле вештерки. Гореле жени, лекари, гореле болни, гореле аутистични деца и возрасни, гореле левораки, гореле парализирани. Гореле сите оние кои не се вклопувале или за кои немало објаснување. Ловот на вештерки е пример за тоа, ако сѐ дозволи, човештвото ќе се самоуништи само за да стане супериорно дури и во сопствената раса.

Не гореле вештерки. Гореле баби ко мојата што лекувале со тревки и дедовци што одбивале да ги предадат своите жени. Гореле и виселе жени предадени од своите сестри зошто децата им биле држени под мраз. Се давеле жени фрлени во вода. “Ако лебди е вештерка, ако се удави е нормална.” И вака и така е мртва.

Гореле и виселе и тонеле жени што одбивале влијателни мажи. Гореле и виселе и биле згмечени до смрт мажи што не си ја давале земјата.
Не гореле вештерки, гореле луѓе. Зошто? За Бог? Не. За збес. За нечије задоволство. За пари и богатство.

“Ама” некој ќе рече, “Немало ли нешто таму од окултното? Што е со магијата?”
Магијата. Магијата и денес постои само малку е објаснета. Медицина. Физика. Хемија. Алхемија. Уметност. Познато?

Да се држи човечко крваво срце в раце, да се поправи и да се врати назад, а после да оздрави местото ко ништо да не било би било шокантно пред триста години, нели?

Да се лета од едно место на друго во метални птици би се нарекло вештерство.
Жена писмена? Жена да црта и слика? Вештерка.
Жена некому што се допаѓа или не допаѓа? Вештерка.
Жена грда? Вештерка.
Жена убава? Вештерка.
Жена богата? Вештерка.
Сиромашна? Вештерка.
Вдовица? Вештерка.
Без деца? Вештерка.
Со многу деца? Вештерка.
Мажена рано? Вештерка.

Го гледате ли шаблонот? Се разбираме.
И жалам ова што ќе го кажам ама, 21-ви век сме и не знам дали воопшто сме променети. Да е легално, да се сфаќа сериозно ловот на вештерки, колку само бивши ќе изгорат? Несакани деца? Несакани комшии? За што? За лажица грав. За слика на инстаграм. За “чест”. За инает. За момент внимание.

Затоа не ги сакам фанатиците што се кријат зад религија. Ниту па оние премногу фините со ангелска насмевка. Да е легално, прва би ме запалиле како вештерка.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?