Оттуѓеноста на една душа заклучена во оклопот на урбаната џунгла – Јелена Ѓиноска

Ќе ги откриеш вистинските лица во длабоката темнина на ноќта

Кога стравот од минатото ќе ти биде вкоренет до самата срж

Кога ќе се будиш од кошмар, а ќе нема никој за да те прегрне

Кога допирот ќе биде преценет

Кога насмевките ќе бидат сведени на минимум

Кога солзите силни како олово ќе ја нарушуваат глувата тишина

Обвивката која ќе израсне ќе биде оган кој ќе ги гори нивните маски

А твоето заледено тело не ќе го допре

Обликот на сомнежи полека ќе нараснува

Со молежлив глас барајќи зрно емоција

Упатувајќи насмевки кон живи луѓе, одамна закопани

Удобноста, нешто како плод на фантазија

 

Излупи ја кожата сега пред мене

Нека ти сјае душата

Сакам со неа да зборувам

Сакам неа да ја видам и почувствувам

Кревноста на твоето битие ми создава љубопитност и копнеж

Крие горчина под таа невина маска

Ти си туѓинец во ова општество

Оттуѓен од емоции,

оттуѓен од своето парче земја,

оттуѓен од прегратката која си ја нарекувал Дом.

Артефакти на смртта пронајдени врз твоето тело.

Злокобни очи те гледаат и сакаат да те однесат во ноќта.

Дојди, засолниште ќе најдеш во моето жариште.

Барем оваа ноќ мирно да заспиеш,

да ја одмориш душата која вечно ќе ти бара мир.

Дојди…

Дојди, макар заедно да гориме.

Сѐ е полесно кога човек не е сам

Само симни ја маската

Соблечи ја кожата како униформа по напорен ден

Дојди.

Заедно да молчиме.

Јелена Ѓиноска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?