546 години од раѓањето на големиот Микеланџело Боунароти

Микеланџело ди Лудовико Боунароти Симони (италијански: Michelangelo di Lodovico Buonarroti Simoni; 6 март 1475 – 18 февруари 1564), попознат само како Микеланџело e италијански ренесансен вајар, сликар, архитект, поет и инженер кој имал големо влијание врз развојот на западната уметност. Тој се смета за еден од моделите на тоа како еден уметник на ренесансата треба да изгледа, заедно со неговиот пријател Леонардо да Винчи.

Еден од најталентираните луѓе на сите времиња

Микеланџело, за време на неговиот живот се сметал за еден од најголемите уметници и оттогаш па сè до денес останал да биде еден од најталентираните луѓе на сите времиња. Многу од неговите дела, било да се работи за вајарството, сликарството или архитектурата, се едни од најпознатите дела кои некогаш постоеле.

Неговото творештво, во секое поле на уметноста, за време на неговиот долг живот е огромно, вклучувајќи ги тука и дописките, скиците и спомените кои се зачувани како дел од него. Според ова тој е најдокументиран уметник во 16 век.

Прв уметник со своја биографија

Уште една работа која зборува за уникатноста на Микеланџело е фактот кој вели дека тој бил првиот уметник чија биографија била издадена уште додека бил жив. Всушност, две биографии биле издадени за време на неговиот живот. Едната била напишана од Џорџо Васари, истакнувајќи дека Микеланџело претставува врв на сите уметнички достигнувања од почетокот на ренесансата, став кој ја задржал својата важност векови подоцна.

Го нарекувале Il Divino

Го нарекувале „Il Divino“, што во превод значи божевствен. Еден од неговите квалитети на кој најмногу му се восхитувале неговите современици била неговата “teribilita”, способност на препознавање и умешност кои предизвикуваат стравопочит.

Детство

Микеланџело е роден на 6 март 1475 година, во Капрезе (денес познато како Капрезе Микеланџело), во близина на Арецо, во Тоскана. Неговите предци со генерации работеле скромно како банкари во Фиренца, меѓутоа неговиот татко, Лудовико ди Леонардо ди Бонароти Симони, не успеал да ја задржи банкарската работа, па повремено успевал да приграби и некоја пониска позиција во редовите на владатa.

Микеланџело ја посетувал Академијата на Медичи, основана напоредно со неоплатонските погледи, во која учел за хуманизмот. Го изучувал вајарството под диригентска палка на Бертолдо ди Џовани. На 17 годишна возраст, Микеланџело се здобил со удар во носот од неговиот соученик во вајарската школа на Бертолдо ди Џовани, Пјетро Ториџиано. Тоа оставило трајна деформација на неговото лице, видлива на сите негови портрети.

Рим

Микеланџело пристигнал во Рим на 25 јуни 1496 година на 21 годишна возраст. На 4 јули, истата година, бил ангажиран од кардиналот Рафаело Ријарио, да направи огромна статуа на римскиот бог на виното Бахус. По завршувањето, кардиналот Ријарио не го прифатил делото и истото подоцна се нашло во дворот на банкарот Џакомо Гали, како дел од неговата колекција.

Во ноември 1497 година, францускиот амбасадор на Holy See (Света столица – Sancta Sedes), ја нарачал изработката на едно од неговите најпознати дела, „Оплакување“. Но Микеланџело ја прифатил понудата дури во август, следната година. Мислењето на неговите современици за ова дело гласи – „откривање на сите квалитети и сили кои ги поседува вајарството како уметност“, а пак Васари само поткрепил – „навистина е чудо како еден обичен камен може да се претвори во такво совршенство, какво што ни природата не може да создаде“.

Во Рим, Микеланџело живеел во близина на црквата Санта Марија ди Лорето. Според легендата, токму на тоа место се заљубил во Виторија Колоња, маркиза од Пескара и поетеса. Домот на Микеланџело бил демолиран во 1874 година, а оние малкуте остатоците од градбата, зачувани од новите сопственици биле уништени во 1930 година. Според шпекулирањата на скептиците, Микеланџело за време на овој период ја довршил статуата на „Лакон и неговите синови“, која се наоѓа во Ватикан.

Статуата на Давид

Микеланџело се вратил во Фиренца во перидот помеѓу 1499 до 1501 година. По падот на антиренесансниот свештеник и водич на Фиренца, Гироламо Савонарола (погубен во 1498 година) и со доаѓањето на власт на „знаменосецот“ Пјеро Содерини, работите во државата веќе се менувале. Конзулите на градскиот сојуз (еснаф), побарале од Микеланџело да го заврши недовршениот проект на Агустино ди Дучио, започнат пред 40 години – џиновска статуа на Давид.

Toj e симбол на фиренската слобода, која ќе биде сместена на плоштадот „дела Синориа“, наспроти Палацо Векио (Стара палата). Микеланџело прифатил и во 1504 година, го завршил своето најпознато дело, Статуата на Давид“. Ова ремек дело, изработено од мермерна плоча од каменолом во Карара, на кое претходно веќе се работело одново ја потврдува еминентноста на Микеланџело како вајар, неговата посебна техника и моќта на фантазијата.

Таванот на Систинската Капела

Во 1505 година, Микеланџело бил повикан од новоизбраниот папа Јулиј II, да се врати назад во Рим. Во овој период, Микеланџело ја прифатил задачата да го наслика таванот на Систинската капела, за чија изградба биле потребни приближно 4 години (1508 година – 1512 година). На почетокот задачата на Микеланџело била да ги наслика 12-те апостоли над ѕвездено небо, меѓутоа се одлучило за поинаква и посложена шема, претставувајќи го Создавањето, Падот на човештвото, Ветувањето за спасение, преку пророците и Генеалогијата (историјата на семејството на) на Исус.

Делото ја опфаќа речиси целата декоративна шема на палатата и претставува голем дел од доктрината на Католичката црква. Меѓу најпознатите дела насликани на таванот се: „Создавањето на Адам“, „Адам и Ева во Ендемската градина“, „Големата Потоп“ и „Пророкот Исаја“, а околу прозорците се насликани предците на Исус.

Последните проекти во Рим
Страшниот суд

„Страшниот суд“ е фреска насликана на ѕидот над олтарот во Систинската капела на барање на папата Клементе седми, кој починал набрзо по ангажирањето на Микеланџело. Папата Павле III бил оптимист дека Микеланџело успешно ќе го започне и ќе го заврши овој проект. Тој работел на фреската од 1534 година, до октомври 1541 година.

Делото е масивно и се протега преку целиот ѕид позади олтарот во Систинската палата. „Страшниот суд“ е приказ на второто доаѓање на спасителот Исус по апокалипсата, каде човековите души се издигнуваат, препуштајќи се и следејќи ја верата и чекајќи го судот на Исус, кој е опкружен со другите светци.

Се сметало за богохулие

Откако Микеланџело завршил со сликањето на голите тела на Исус и Дева Марија, многу од свештениците биле незадовлони и гледале на тоа како на богохулство. Кардиналот Карафи и епископот Сернини (кој бил амбасадор на Мантуа), побарале фреската да биде отстранета или цензурирана, на што папата се спротивставил. По смртта на Микеланџело, било одлучено гениталиите од фреската да бидат покриени.

Даниел де Волтера го реставрирал

За таа цел, бил ангажиран Даниел де Волтера, кој му бил ученик на Микеланџело. Негова задача била да наслика појаси околу бедрата, оставајќи ги останатите делови на телото недопрени, онакви какви што Микеланџело ги насликал.

По реставрацијата на делото, во 1993 година, многу од конзерваторите одлучиле да ги задржат појасите насликани од Даниел, оставајќи дел од нив како историски доказ, бидејќи многу од делата на Микеалнџело биле оштетени и изгребани од други уметници кои восхитувајќи се на ремек делата, сакале само да ги допрат. Веродостојна нецензурирана копија на оригиналот, насликана од Марсело Венусти, се наоѓа во националниот музеј на Капо ди Монте во Неапол.

Во 1546 година, Микеланџело бил ангажиран да го направи архитектонскиот план за базиликата на Св. Петар во Ватикан и добил задача да ја дизајнира нејзината купола. Како што напредувала работата на базиликата, така растела загриженоста дека Микеланџело ќе почине пред куполата воопшто да биде завршена. Сепак, како што започнало да се привршува подножјето на куполата, и прстенот за потпора било повеќе од јасно дека дизајнирањето ќе го доживее својот крај.

Микеланџело починал во Рим на 88 годишна возраст (само три недели пред да наполни 89 години). Неговото тело од Рим, било вратено во Фиренца и погребано во базиликата на Светиот Крст, со што се исполнила последната желба на маестралниот уметник, да биде погребан во неговиот омилен град.

Приватен живот

Приватно, Микеланџело бил многу скромен човек. Во една пригода, тој му рекол на својот ученик Кондиви – „колку и да сум богат, јас секогаш ќе живеам скромно, дури и сиромашно“. Кондиви објаснува дека тој бил компплетно рамнодушен кон храната и алкохолот, јадел „повеќе од потреба, отколку од задоволство“, исто така напоменувајќи дека „често спиел во обичната, дневна облека и со…чизми“.

Се претпоставува дека токму ваквите негови навики го направиле неомилен и непопуларен. Паоло Џиово, човекот кој ја пишувал биографијата на Микеланџело вели: „тој по природа беше толку груб и прост, а неговите домашни навики, одвратни, што ниту еден ученик не се осмелуваше да го следи во потполност“. Никогаш не беше расположен, беше меланхоличен и ја сакаше самотијата. Имал репутација на “bizzarro e fantastic“, што значи необичен, налудничав, фантазер. Се здобил со овие псевдоними бидејќи самиот се лишувал од било какви контакти со луѓето.

Сексуалност

Викторија Колоња

Според неговите дела, повеќе од очигледно е дека се восхитувал на голотијата која се појавила како стил во текот на ренесансата. Но не само тоа. Суштинско значење има и неговото воодушевување пред машката убавина, која повеќе од сигурно го привлекувала како естетски така и сексуално. До некаде, ова „величење“, се појавува речиси кај сите уметници бидејќи ренесансата како правец развива идеализирање на машкоста.

Начинот на изразувањето на Микеланџело може да се разгледува од две страни, како неоплатонско невино воодушевување или пак како јавно хомосексуално. Еден пример кој посочува кон второто, поврзан за оваа мистерија е смртта на Чечинио де Брачи, кој починал само една година по средбата со Микеланџело во 1543 година. Тоа го инспирирало уметникот да напише 48 погребни епиграми, кои според некои толкувања не алудираат само на емотивна, туку и на физичка врска.

“Неговото тело во земјата лежи, а јас тука,
лишен од неговиот неодолив поглед и пријатна аура,
сè уште сум му верен и се радувам,
повторно да го прегрнам..Во него мојата душа сè уште живее.“
(извадок од еден од погребните епиграми за Брачи)

Според други толкувања овие докази посочуваат на емотивно, префинето и учтиво обраќање како резултата на платонски дијалог, перцепирајќи ја еротската уметност како израз на едно благородно чувство (тука се зема во предвид фактот дека во 16 век, уметноста како чин преку кој се изразуваат емоции била далеку поотворена и понеосудувана во споредба со денес).

Сонети и мадригали

Микеланџело напишал повеќе од триста сонети и мадригали. Најголемиот дел од поемите биле посветени на Кавалјери. Некои од современите коментатори изјавуваат дека нивната врска била чиста платонска привлечност, посочувајќи ја можноста дека Микеланџело на него гледал како на свој син.

Сепак, хомоеротската природа на нивната врска била добро позната во тој период, иако правнукот на Микеланџело, Микеланџело помладиот, се обидел да ја прикрие вистината, објавувајќи издание од дел од поезијата на неговиот прадедо, во 1623 година, менувајќи го родот на заменките во поемите. Британскиот поборник на хомосексуалноста, Џон Адингтон Симондс, ја расветлит вистината која Микеланџело помладиот се обидел да ја скрие, преведувајќи ги оригиналните сонети на англиски јазик кои ги објавил заедно со биографија од два тома во 1893 година.

Сонетите се првиот поголем дел од низата поемите преведени на многу јазици, напишани од еден маж за друг. Потоа следеле сонетите на Шекспир посветени на млади момчиња.

Чувствувам топлина од оган на мојот ладен лик
кој оддалеку ме затоплува и одеднаш се лади.
Очаен сум да ги почувствувам тие две цврсти раце
кои без да направат никакво движење го поместуваат целиот мој свет.

Викторија Колоња

Во поодминатите години, Микеланџело гаел огромна љубов за маркизата Виторија Колоња, која била поетеса, чиј сопруг бил починат. Тие двајца се запознале во Рим некаде помеѓу 1536 и 1538 година, кога Виторија имала околу четириесетина години.

И двајцата пишувале сонети кои си ги посветувале еден на друг. Останале во постојан контакт сè до нејзината смрт. Кондиви потстетувајќи се на Микеланџело, изјавил дека единствено нешто за кое уметникот се каел до крајот на животот, е што никогаш не успеал да го бакне лицето на Виторија, онака како што ѝ ги бакнувал рацете.

Сигурни докази за тоа дали Микеланџело имал емотивно физички врска не постојат, (Кондиви го опишува како „девствен монах“), меѓутоа неговата поезија и визуелната уметност, вклучувајќи ги тука сите скулптури, статуи и слики кои ги создал, доволно говорат за опсегот на неговата фантазија.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?