Skip to content

Моето име е жена – Софија Петковска

  • by

Здраво,
ајде да се запознаеме.
Жена.
Моето име е жена.
Јас сум дама,
мајка,
тетка,
баба,
прабаба,
кралица.
Со тело скулптура убаво извајана,
со лице нежно ко свила,
со кожа бела и со мирис на ванила,
со усни розеви ко јаготка зрела,
со очи филџани.
Запознај ме убаво,
јас сум оган и вода,
сонце и месечина.
Јас сум домаќинка и директорка,
професорка и чистачка,
писателка и докторка.
Јас сум грижлив родител,
вработена и невработена,
раскажувач на бајки.
Возам автомобил,
танцувам и пеам,
во фитнес сала кревам тегови,
читам книги,
многу,
многу книги,
пишувам и учам.
По пижами,
боса и со коси разбушавени,
со елегантен црвен фустан и високи потпетици,
во оваа или онаа форма,
секако,
се подразбира,
прекрасна сум.
Жена.
Моето име е жена.
Елегантна,
отмена,
нежна ко пердув,
но храбра ко лав.
Јас сум жена.
Истрпувам,
се борам,
молам,
плачам,
се радувам,
искрено љубам,
љубам до коска.
Јас сум жена.
Простувам,
барам прошка,
се надевам,
не се предавам,
давам шанси во животот сè дур чашата не се прелие,
моите нерви – челик,
но и заминувам
од сè што е труло во земјата Данска,
бегам од нешта и луѓе кои не цветаат.
И не го вртам грбот на кои ножеви се боделе.
Ги целивам раните со мелем од
нови надежи,
нови успеси,
нови радости.
Жена сум си јас.
Се љубам и почитувам себеси.
Едноставно прекрасна.
Совршено несовршена.
Човек од крв и месо.
Нема потреба да ме сфатиш,
потребно е само да ме прегрнуваш и љубиш.
Довидување.

Напишете коментар