Извор – Мартина Јакимовска

Та извор ни беа очите

А никогаш не знаевме

Кога ли ќе пресушат

Та само дупка в глава да не остане

Кога ли повторно ќе оживеат и ќе потечат

Та тагата да се затне, та да престане

И не..

Не знаевме што ли беше причина пуста

Та ги тера луѓето да плачат

Ќе залипаа ко проколнати

Ќе го отвореа изворот, а долу гледаш океан сив

Ќе залипаа давејќи се во лелекот свој гласен ко молња

Остар дур коските на срцето ги демне една по една

Што ниту една перница не го гуши

Ниту една цигара не ќе го натера да се раскашла

Та да го позабави или отруе

И дали…

Дали душата преку солзата си ја свлекуваат

Онака мртва и распостелана на бел сатенски чаршав

Од мака нивна за последен пат

Дур раката наша се полни од нивни солзи

Ко да ќе се мие од нив

А којзнае колку ќе ја извалкаат

Преку гревот којшто сон не им дава

Гревот што умот им го матеше

Срцето притискаше

Гревот…гревот од себе ли си го миеја таквите?

И велеа оти им тежи

Ќе знаеја да се издадат

Иако целите се блиндирани од оклопи

За секој збор по еден оклоп

Уште еден ден да премолчат

Да им потежи уште малку оти крвта одамна им беше затруена

Телото навикнато

Коските добро истренирани да понесат сѐ што се нуди

Па и гревот само ако е тука

Така ко на гради да имаа планина понесено

Велеа луѓето

Оние грешните…

Та скокај

Рипај од рид на рид

Рикај ко дива звер

Викај да те слушнат и на другиот свет

Не се трга од тебе

Им беше ко сошиен за нив гревот

Ко грбината да им беше осудена

Така подгрбавена да е цел век

Та тажеа луѓето

Липаа ко на гроб којшто знак за живот не дава

Којшто пресна земја на себе носи

Тело сѐ уште неоладено

Несигурно дали да се врати онаму од каде што заминува

Или да појде онаму каде што гревот и маката не постоеја

Молеа и колнеа за уште една средба луѓето

За уште еден ден среќа

За прошка

Иако животот минуваше

А само каењето беше посилно од сѐ

Иако липаа

Посилно беше

Од гордоста

Од дебелото его

Од сите нас дур сега липаме

Од среќа

Или од тага

Секој по своја заслуга

Секој според она колку и што дал

Таму кај што требал или не требал

И липаа луѓето, велеа..

Гревот да го закопаат

Маката да си ја помачат

Дур таа не ги изнамачила нив

До последна капка срж

Мартина Јакимовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?